Пред 25 години, на 12 септември 1994, македонскиот филм „Пред дожот“ освои Златен лав во Венеција, a режисерот Милчо Манчевски на официјалната страна на Фејсбук најави дека јубилејот ќе се прослави денес од 18 часот со бесплатен стриминг на филмот.
Филмот, што стана македонски класик, имаше премиера на 5 септември 1994 на популарната Мостра, како што е познат најстариот филмски фестивал во светот.
Покрај Златниот лав, „Пред дождот“ доби уште триесетина награди на светските фестивали, а беше и првиот (и засега единствен) македонски филм номиниран за Оскар во категоријата најдобар странски филм, станувајќи најнаградувано дело во историјата на македонската кинематографија и едно од најголемите достигнувања на македонската култура воопшто.
„’Пред дождот’ ја стави Македонија на светската мапа. Дела како ова ме одржуваат. Потсетник за благородноста што филмот може да ја досегне“, напиша легендарниот филмски критичар Роџер Иберт за американската премиера на филмот во 1995.
„Пред дождот“ е вброен во 1.000 најдобри филмови во историјата од страна на „Њујорк тајмс“, а на фестивалот во Венеција една од паралелните награди беше именувана според мотот на филмот „Кругот не е тркалезен“. Филмот е прикажан на над 100 фестивали, прикажан во редовна кино и тв-дистрибуција во над 50 земји на сите континенти. Во САД, реномираната „Крајтерион колекција“ го издаде видеото од филмот во едиција со класиците Бергман, Антониони, Тарковски, Бресон, итн. „Пред дождот“ се предава на стотици универзитети, а во Италија е дел од обавезната наставна програма во средните училишта. За филмот се објавени над 5.000 текстови на 50-на јазици во светските медиуми, а уште игра во кинотечните и фестивалските програми.
Во Кореја филмот се користеше во работни тетратки за изучување на англискиот јазик, а во САД и Полска за изучување на македонскиот. Во Фиренца се одржа меѓународна академска конференција посветена на филмот. Во Италија постои и вино крстено според филмот „Пред дождот“ и ресторан со истото име.
„Пред дождот“ е снимен во продукција на „Полиграм“, „Аим продакшн“, „Ное продакшн“ и „Вардар филм“ , како копродукција на Македонија (која вложи 5 отсто од буџетот на филмот), Англија и Франција.
Филмот има три целини поврзани меѓу себе, насловени „Зборови“, „Лица“ и „Слики“. Сценариото е на Манчевски, кинематографер е Мануел Теран, монтажер Николас Гастер, а главните улоги ги играа Раде Шербеџија, Грегоар Колан, Лабина Митевска, Кетрин Картлиџ, Јосиф Јосифовски, Кирил Ристоски.
„Кога снимаш филм, мораш да насочиш бесен ѕвер кој се состои од пари, опрема и его, до крајната цел – она особено нешто кое некако успева да ти го допре срцето и да те натера да размислуваш “, стои во воведот на „Писма од ‘Пред дождот’“ од Милчо Манчевски.
„Рецепт за добар филм-мистерија по правило е оној, во кој коцките на сегментите на нелинеарното дејствие во финишот ќе се склопат во складна и логична целина. ‘Пред дождот’ е генијален во неговиот радикално поинаков пристап: неговите сегменти совршено не се вклопуваат“, напиша критичарот Драган Лековиќ по повод 25 години од премиерата.
Б. НЕСТОРОСКА