ВЕЧЕРВА НА ТЕЛМА СВЕТСКА ТВ-ПРЕМИЕРА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“, ДОКУМЕНТАРЕЦОТ СО ИСТОРИСКИ ДВЕ НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАР

    ВЕЧЕРВА НА ТЕЛМА СВЕТСКА ТВ-ПРЕМИЕРА НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“, ДОКУМЕНТАРЕЦОТ СО ИСТОРИСКИ ДВЕ НОМИНАЦИИ ЗА ОСКАРПродуцентот Атанас Георгиев, режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, хероината на филмот Атиџе Муратова и кинематограферите Самир Љума и Фејми Даут на свеченото доделување на Оскарите на 10 февруари во Холивуд. (Фото: Фејсбук)

    „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, македонскиот документарен филм со историски две номинации за Оскар, вечерва ќе има светска ТВ-премиера на телевизијата Телма, во 19:20 часот. „Медена земја“ влезе во историјата на македонската и светската кинематографија со двете номинации за најдобар документарец и најдобар странски филм, но Оскарите во овие две категории во февруари годинава  ги добија „Американска фабрика“ на Стивен Богнар и Џулија Рајнхард и „Паразит“ на јужнокорејскиот режисер Бонг Јон-хо.

    Филмот е за Атиџе Муратова од овчеполското забито село Бекирлија, последната пчеларка на диви на пчели во Европа и нејзините напори да ги спаси пчелите од домашните пчелари, кои го нападнале нејзиниот имот и ѝ ја загрозиле живеачката.

    Од продукцијата на „Медена земја“ велат дека од македонската кинопремиера на 29 август 2019 досега филмот го виделе вкупно 45.200 гледачи во кината и во домовите на култура, во 30 градови низ Македонија. Филмот беше на репертоарите на кината во Скопје повеќе од 13 недели. Другите градови во кои се прикажа „Медена земја“ се Битола, Кратово, Штип, Крива Паланка, Струга, Куманово, Охрид, Свети Николе, Делчево, Тетово, Гостивар, Пробиштип, Македонски Брод, Македонска Каменица, Неготино, Богданци, Крушево, Радовиш, Кичево, Прилеп, Пехчево, Гевгелија, Виница, Валандово, Берово, Демир Хисар, Струмица и Кавадарци.

    Светската премиера ја имаше на фестивалот Санденс во јануари минатата година, каде што освои три престижни награди. Во Македонија премиерно беше прикажан на затворањето на фестивалот МакеДокс на 28 август лани, а од следниот ден почна да игра и в кино. Филмот учествуваше на повеќе од 80 филмски фестивали и освои над 40 меѓународни награди.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира