„Демонот од Дебар Маало“ од Горан Стефановски во режија на Наташа Поплавска вечерва ќе има премиера во Народниот театар-Штип.
Пеце Ристески го игра берберот Коце, а играат и Марија Минчова-Андонов, Стефанија Митовска, Доријан Петров, Владимир Тулиев, Миле Вратеовски, Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Анѓелка Нашкова, Елена Шорова-Дербов, Раде Рогожаров и Валентина Георгиевска.
„Берберот Коце за едни станува херој, за други демон од Дебар Маало. Но, од вечерва ‘Демонот од Дебар Маало’ може слободно да се најде и во штипско Горно Mаало или во кое било маало во Битола, Прилеп, Куманово“, велат штипските актери за претставата.
Режисерката Поплавска вели дека е презадоволна од соработката со комплетниот ансамбл на штипскиот театар кој ја прикажува втората претстава помогната од Министерството за култура, бидејќи првите две годинава беа самофинансирање од Центарот за култура „Ацо Шопов“.
„Претставата ќе го плени театарот затоа што овој ансамбл ги руши границите и стандардите и тој допрва ќе расте оти се работи за млади и талентирани актери. Јас како режисерка го имав најубавиот театарски процес досега“, вели Поплавска.
Музички соработник е Ристо Вртев, видеоанимации Емил Петро-Артериа, сценски движења Ирена Лозински и драматург е Габриела Коцева-Тулиева.
Претставата е четврта премиера годинава во Штипскиот театар и со неа се завршува полусезоната. Репризите ќе бидат наесен.
Т. ЈОВАНОВСКИ