ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР НЕМА ПАРНО И ПРЕТСТАВИ, ДОСЕГАШНИОТ В. Д. ДИРЕКТОР ИВАНОВСКИ И МИНИСТЕРСТВОТО СЕ КАРААТ КОЈ Е ДИРЕКТОР

    ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР НЕМА ПАРНО И ПРЕТСТАВИ, ДОСЕГАШНИОТ В. Д. ДИРЕКТОР ИВАНОВСКИ И МИНИСТЕРСТВОТО СЕ КАРААТ КОЈ Е ДИРЕКТОРНема парно греење во Велешкиот театар, а актерите стравуваат кој ќе им потпише за да ја земат ноемвриската плата и кога ќе ја земат, бидејќи немаат в. д. директор. (Фото: СДК.МК)

    Десетина денови нема претстави на репертоарот на Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Последната комедијата „Одам на лов“ се одигра на 23 ноември и оттогаш сцената е празна. Нема официјална информација зошто актерите не играат. Неофицијално, нема греење, оти бил промашен терминот за набавка на гориво за затоплување на објектот.

    На писменото прашање зошто нема претстави на репертоарот, в. д. директорот Александар Ивановски, кој е во Романија каде подготвува премиера на театарска претстава, вели дека му е истечен мандатот.

    „Не сум во позиција да дадам официјален одговор. Истечен ми е мандатот“, напиша во пораката Ивановски.

    Истото прашање, зошто нема театарска претстава во Велешки театар го испративме и до Министерството за култура.

    „По истекувањето на мандатот од шест месеци до 30. 11 .2019 година, театарскиот режисер Александар Ивановски повторно е назначен за в. д. директор на Центар за култура ‘Јордан Хаџи Константинов Џинот-Велес’“, вели Нурџан Асановска, портпаролка во Министерството.

    Овој документ не е стигнат до Велешкиот театар и до старо-новиот в. д. директор. Актерите не зборуваат јавно зошто нема греење, каде е проблемот, кој дозволи на почетокот на грејната сезона објектот да остане без мазут. Но, стравуваат кој ќе им потпише за да ја земат ноемвриската плата и кога ќе ја земат, бидејќи немаат в. д. директор.

    При крајот на минатиот месец, требаше премиерно да се прикаже претставата „Сестрите Брозорови“, но досега тоа не се случи, а до крајот на годинава планирана е премиерата и на претставата „Сара“ и двете работени од сопствени средства.

    Центарот за уметност и култура од Велес има и дигитален проектор за прикажување филмови, но бидејќи тој е расипан една година, велешани остана без можност пролетва да ја следат ревијата на Новиот германски филм, и да ги видат најновите македонски филмови „Врба“ на Милчо Манчевски, „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов и „ Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира