СО ВИНО И СТОЕЧКИ ОВАЦИИ, ПАНТА МИЖИМАКОВ ГО ДОБИ ЗЛАТНИОТ ОБЈЕКТИВ ОД КИНОТЕКАТА НА МАКЕДОНИЈА

    СО ВИНО И СТОЕЧКИ ОВАЦИИ, ПАНТА МИЖИМАКОВ ГО ДОБИ ЗЛАТНИОТ ОБЈЕКТИВ ОД КИНОТЕКАТА НА МАКЕДОНИЈА„Филмот ни даде повеќе нам, отколку ние него. Ни даде сѐ.Кога би бирал пак во животов, пак би работел во филмот“.- Филмскиот работник и соработник на речиси сите филмаџии во Македонија, продуцентот Панта Мижимаков на денешната свеченост во Кинотеката (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во весела боемска атмосфера, со вино и со стоечки овации, филмскиот работник Панта Мижимаков денес ја прими наградата Златен објектив на Кинотеката на Македонија, за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Филмски работници од сите генерации станаа да му аплаудираат на продуцентот Мижимаков, филмска и градска легенда со која имаат работено речиси сите филмаџии, кога го доби признанието од в.д. директорот на Кинотеката Владо Ангелов.

    „Запишувањето на Академијата за театар, филм, радио и ТВ во Белград коинцидира со професионалниот ангажман на полето на кинематографијата на Мижимаков, најпрвин со статус на слободен филмски работник, а подоцна наизменично како вработен во ‘Вардар филм’ и слободен филмски работник. Често работел на копродукциите и странските продукции кои се реализираат во Македонија и Југославија, а работи и за југословенски продуценти на повеќе филмски проекти (‘Шеќерна водичка’, ‘Полтрон’…). Во ‘Вардар филм’ соработува на поголем број кратки, документарни и играни филмови кои на шпиците не го наведуваат неговото учество во продукцијата. Од 1991 е еден од основачите и директор на приватната продуцентска куќа ‘Пегаз’, со којашто има реализирано неколку филмски проекти“, рече директорот Ангелов.

    В.д директорот на Кинотеката Владо Ангелов му ги врачи признанието за исклучителен придонес во македонската кинематографија на продуцентот Панта Мижимаков (Фото: Ѓ. Личовски)

    Тој бил водач на снимање и менаџер на продукција на филмови како: „Татко (Колнати сме Ирина)“, „Најдолгиот пат“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Преку езерото“, „Винојуг“, „Џипси меџик“.

    Мижимаков, во негов стил, порача целиот настан да трае што е можно пократко, бидејќи како што рече, „е жеден“.

    По проекцијата на краткиот документарен филм „Ликвидатор“ во режија на Трајче Попов, кој бил избор на лауретатот, на сцената се качија и споделуваа анегдоти од дружбите со Мижимиков, филмската критичарка Илинденка Петрушева и професорите Русомир Богдановски и Столе Попов. Директорот се пошегува дека сакале сцената да биде налик на природен амбиент на Панта, па затоа креирале боемска атмосфера, по што гостите ги послужија со вино.

    „Филмот ни даде повеќе нам, отколку ние него. Ни даде сѐ. Работејќи и патувајќи низ светот, запознавме луѓе за кои не сме можеле ни да замислиме. Кога би бирал пак во животов, пак би работел во филмот“, рече Мижимаков.

    Досегашни добитници на оваа награда беа режисерите Бранко Гапо и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски и Љубе Петковски, доајените Благоја Дрнков, Трајче Попов, Коста Крпач и Илинденка Петрушева.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира