ВЛАДАТА ГО ИЗБРА БОЈАН ЛАЗАРЕВСКИ ЗА ДИРЕКТОР НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ СО МАНДАТ ОД ДВЕ ГОДИНИ

    ВЛАДАТА ГО ИЗБРА БОЈАН ЛАЗАРЕВСКИ ЗА ДИРЕКТОР НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ СО МАНДАТ ОД ДВЕ ГОДИНИЛазаревски беше избран за в. д. директор на Агенцијата на 15 декември лани, а за директор со двегодишен мандат на 9 февруари. (Фото: К. Попов)

    Владата го избра Бојан Лазаревски за директор на Агенцијата за филм со мандат од две години. Избран е на 9 февруари на владина седница, но владата таа одлука не ја објави и во јавната информација од седницата како што е вообичаено на владиниот сајт, туку одлуката е објавена во Службен весник.

    Лазаревски на 15 декември лани беше избран за в. д. директор на Агенцијата за филм, а претходно беше член на Управниот одбор.

    „Лазаревски е избран за директор на Агенцијата за филм на конкурс објавен на 30 октомври којшто траеше 10 работни дена. На огласот се пријавија 5 кандидати од кои двајца доставија комплетна документација и ги исполнуваа критериумите на огласот. Секое именување на функционер се објавува во Службен весник“, одговорија од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Лазаревски е економист од банкарскиот сектор, а на директорската функција во Агенцијата доаѓа од работно место во финансиското друштво за кредити „ИутеКредит Македонија“.

    Мандатот на претходниот директор на Агенцијата за филм Горјан Тозија истече на 4 август, а Владата на 22 октомври констатира дека му е завршен мандатот и заклучи да не му биде продолжен. Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на 23 јули побара од Владата да го разреши Тозија пред истекот на мандатот поради прекршување на процедурите во постапките согласно Законот за филмска дејност, но како што кажа на 21 октомври членот на Комисијата Владимир Георгиев, Владата ѝ одговорила дека не е надлежна да го разреши, иако согласно Законот за филмска дејност, Владата го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за филм. Тој кажа дека ДКСК иницијативата за разрешување на Тозија и одговорот од Влада ги доставила до вицепремиерот за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира