ВО ХРАМОТ НА ИЗИДА ВО СТОБИ ПРОНАЈДЕНИ ФОНТАНА И МОЗАИК

    ВО ХРАМОТ НА ИЗИДА ВО СТОБИ ПРОНАЈДЕНИ ФОНТАНА И МОЗАИК„Наодот од храмот на Изида и Серапис е фантастично откритие за кое иако се работи за фонтана и мозаик од 4. век, просторот каде се пронајдени припаѓа на 2. век од н. е. бидејќи на ѕидовите каде е вкопана таа се наоѓаат фрески од 2. век“, вели директорката на Управата за заштита и културн наследство, Елеонора Петрова-Митевска (Фото: СДК.МК)

    За време на археолошките истражувања на комплексот градби околу храмот на Изида, екипа од археолози на Националната установа Стоби и студенти по археологија, пронашле дел од мозаик, фрагменти од штуко декорација и фонтана кои го краселе објектот. Овој наод е во рамките на истражувањето на просторот југозападно од Храмот.

    Елеонора Петрова-Митевска директорка на Управата за заштита и културно наследство, која има работено на овој простор, вели дека станува збор за значајно откритие.

    Храмот на Изида (Фото: СДК.МК)

    „Наодот од храмот на Изида и Серапис е фантастично откритие за кое иако се работи за фонтана и мозаик од 4. век, просторот каде се пронајдени припаѓа на 2. век од н. е. бидејќи на ѕидовите каде е вкопана таа се наоѓаат фрески од 2. век. Тоа е еднакво време на храмот на Изида и Серапис. Тоа значи дека храмот живеел подолго време, што е исто така значајно откритие. Со тоа и градот Стоби живеел во подолг временски распон, отколку што досега знаевме“, вели директорката д-р Петрова-Митевска.

    Целта на годинешните археолошки истражувања на храмот Изида е да се дефинира функцијата на архитектонските остатоци и користењето на просторот југозападно од него. Храмот на Изида„ и комплексот градби во непосредната околина континуирано се истражуваат веќе 12 сезони. Неодамна на друга локација во археолошкиот локалитет Стоби беше откриена статуа на богот Диноис, во големина од 50 сантиметри.

    „Статуата на Дионис беше откриена во објект кој порано се нарекуваше ‘затвор’ оти во него беа пронајдени скелети со ланци и метални опкови. Но, со ова откритие изгледа станува збор за некој храм бидејќи е откриен дел од олтарот и оваа статуа, која припаѓа на период од 2. век од н. е. Овој наод покажува дека имаме хронологија на подолго живеење, сѐ до 7. век од кој период е пронајдена монета. Немаше податоци дека во Стоби се живеело во 7. век, мислевмедека завршува до 6.век“, рече директорката.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари