ВО „МИМИ“ НЕ СТЕ СИГУРНИ ДАЛИ НАВИВАТЕ ЗА ВИСТИНСКАТА СТРАНА, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ПЕЈОВСКИ ЗА ФИЛМОТ ШТО ВЕЧЕРВА ГО ОТВОРА СИНЕДЕЈС

    ВО „МИМИ“ НЕ СТЕ СИГУРНИ ДАЛИ НАВИВАТЕ ЗА ВИСТИНСКАТА СТРАНА, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ПЕЈОВСКИ ЗА ФИЛМОТ ШТО ВЕЧЕРВА ГО ОТВОРА СИНЕДЕЈС„Мими“ ќе биде и во конкуренцијата за награди. (Фото: СДК.МК)

    „Мими“, вториот филм на Даријан Пејовски, вечерва (21ч) на покривот на ГТЦ ќе има премиера на отворањето на 21. Фестивал на европски филм Синедејс. „Мими“ ќе биде и во конкуренцијата за награди, исто како пред 7 години кога дебито на Пејовски „Три дена во септември“ го отвори Синедејс и освои награда за најдобро сценарио. По македонската премиера, „Мими“ ќе има светска премиера на Пулскиот филмски фестивал од 16 до 24 јули.

    Кинопремиерата во Македонија се очекува во септември.

    „Три дена во септември“ беше психолошки трилер, а режисерот Пејовски, кој е и автор на сценариото, вели дека освен што станува збор за главни женски ликови и во дебито и во „Мими“, обата се многу различни филмови.

    „Во ‘Мими’ ликовите се многу поамбивалентни, многу повеќе се вкоренети во ова секојдневние кое го живееме, оттаму не сте секогаш сигурни дали навивите за вистинската страна. Се работи за ликови кои играат улоги коишто не си ги одбрале самите. Затоа се и жени главните ликови и за тоа како навидум нормализирани ситуации доведуваат до трагичен крај. Многу лесно оваа приказна може да се претвори во источноевропска социјална драма, меѓутоа јас се обидов да ја раскажам малку поинаку, а и да поиграм со жанрови. Скопје е претставен онака како се чувстувам јас кога е во прашање нашиот град, вели Пејовски на прашањето што му беше најголемиот креативен предизвик и дали со овој филм истражува нешто ново или продолжува со истражувањата од дебито.

    Наталија Теодосиева ја игра Мими, а Тамара Ристоска е Сара, а на прашањето како ги пронајдоа и изградија ликовите, обете актерки ја потенцираа меѓусебната инспиративна соработка, како и соработката со Пејовски.

    „Признавам дека лагодно течеше градењето на ликот на Мими. Кога го запознав Пејовски на кастигнот, видов дека точно знае што сака. Му верував и меѓу нас имаше голема доверба. Мими е девојка која доаѓа од помал град, со надеж дека ќе се оттргне од стегите и притисоците што ги прави околината. Ликот има многу трансформации. А не ми беше тешко да го најдам, оти и самата доаѓам од помал град во Скопје па можам да направам релација. Тамара Ристоска веќе беше во поделата на улогите, го глуми ликот на Сара и многу ми помогна. Таа отвори нови врати за мене, како да го градам ликот и како заедно ние двете да ги градиме ликовите во филмот“, вели Теодосиева.

    Актерката Ристоска вели дека едно е како ќе те води режисерот, а друго е слободата што ти ја дава.

    „Многу е важно за еден актер да му се дозволи да експериментира, импровизира со својот лик“, рече Ристоска.

    Сашко Коцев, кој игра мал лик за кого смета дека никому нема да му се допадне, вели дека го изградил читајќи го сценариото и понатаму соработувајќи со режисерот.

    Во филмот играат и Петар Мирчевски, Оливер Митковски, Стефан Спасов, Владимир Петровиќ. Кинематографер е Дејан Димески, сценограф е Игор Тошевски, костимографка е Емилија И. Атанасовска, а монтажата е на Владимир Павловски. Автор на музиката е композиторот Александар Пејовски, брат на Даријан.

    Продуцент е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ, во копродукцијата на „Скопје филм студио“ со хрватската „Максима филм“ и црногорската „Гиглинг гоут“ поддржана од македонската Агенција за филм, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира