Изложбата „Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели“ ќе се отвори денеска во 18.30 часот во Музејот на современа уметност (МСУ).
Според кураторката Бојана Јанева-Шемова, изложбата се обидува да прикаже можни ликовни врски помеѓу делата од италијански и македонски автори, застапени во колекцијата во МСУ. Ќе бидат изложени и дела од авторите кои биле дел и од првата постојана поставка на МСУ Скопје во 1970 година, како Ренато Гутузо, Алберто Бури, Енрико Бај, Емилио Ведова, Афро Базалдела, Франко Џентилини, Никола Карино, Корадо Каљи, Џетулио Алвиани, Франческо Сомаини и други видни претставници и придвижувачи на актуелни уметнички правци во Италија и Европа во повоениот период.
„Иако повеќето италијански дела и во колекцијата и на изложбата се од 60-ите години од минатиот век, италијанската колекција ја карактеризира нетипична разнородност, особено што нејзиното збогатување продолжило и понатаму, по оваа декада. Па, од 70-ите и 80-ите години неминовно беше да се вклучат во ‘Конекции во колекциите’ и автори како Пјеро Дорацио, Франко Фонтана, Мариа Тереза де Ѕорѕи, Мимо Ротела, Анџело Титонел, Марио Телери, Бруно Талпо и најистакнатите претставници на поштенската уметност – Виторе Барони и Гуљелмо Акиле Кавелини. Оттука, со делата од македонската колекција, изложбата се движи нагоре-надолу по временскиот вектор, па се вклучени дела создадени од педесеттите години до денес“, вели кураторката.
Директорот на Галеријата на модерна и современа уметност во Торино, Рикардо Пасони, утре во 19 часот во МСУ ќе има презентација за музејската дејност на италијанската галерија.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Македонија, италијанската амбасада во Македонија и од „ Еуролинк осигурување“.