ВО ОХРИД ПОЧНУВА АЛТЕРНАТИВНО КУЛТУРНО ЛЕТО

    ВО ОХРИД ПОЧНУВА АЛТЕРНАТИВНО КУЛТУРНО ЛЕТООрганизаторите велат дека е подготвена разновидна и богата програма, во која се вклучуваат многу луѓе од урбаниот живот во Охрид, млади и креативни луѓе кои сликаат, фотографираат, танцуваат, глумат, играат, свират итн. (Фото: СДК.МК)

    Од вечерва па во текот на летото во Охрид ќе се одвива алтернативно културно лето, манифестација која нема амбиции да биде замена на традиционалното Охридско лето, туку ова е обид градот да ја прикаже креативноста на младите луѓе од овој град.

    „Гостите од земјата и странство, но и охриѓани ќе имаат можност да уживаат во квалитетна програма, но и да видат какви млади и креативни луѓе има во овој град. Целата идеја дојде од помислата да се подигне културната свест кај граѓаните и да има што повеќе интеракција со туристите кои престојуваат во јули и август во Охрид, затоа и овој проект го нарековме ‘Културолошка иницијатива 5 до 12’. Подготвена е разновидна и богата програма, во која се вклучуваат многу луѓе од урбаниот живот во Охрид, млади и креативни луѓе кои сликаат, фотографираат, танцуваат, глумат, играат, свират итн. Секоја недела имаме подготвено барем по еден настан, почнувајќи од недела, 07.07.2019 година, кога е и свеченото отворање на манифестацијата“, информираат организаторите.

    Еден од организаторите, НАТГ „Аматер“ зад себе веќе ги има претставите: „Сите мои синови“, „Генетика на кучињата“, „Буре барут“, „Ти во седум бои“, седум години со ред учествуваат на Поетската ноќ во Велестово и други перформанси. Тука се и учества на фестивали и награди на Драмскиот Аматерски Фестивал во Кочани. Супер радио бележи полни 27. години успешна работа и веќе 9 години е најпопуларната локална радио станица во државата.

    Свеченото отворање е закажано за вечерва, со почеток во 20:00 часот во кафе бар „Шила“. Првата вечер се предвидени поетската вечер „Имам нешто да ти кажам“, како и акустична свирка со бендовите „Кукузел“, „Броз“ и „Хај4“.

    Д. ЧУБРИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира