Филмот „Врба“ на најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски е македонски кандидат за Оскар за странски филм, соопшти Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ). Неговиот филм „Пред дождот“ во 1995 ѝ ја донесе на Македонија првата номинација за Оскар за најдобар странски филм, а македонски кандидати биле и неговите „Сенки“ и „Мајки“.
Годинава, документарецот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов беше првиот филм во историјата на Оскарите кој доби номинации и за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм..
Од ДФРМ велат дека во конкуренција за кандидатурата биле и филмовите: „Ефектот на среќата“ на Борјан Зафировски, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи, „Кеиф“ на Блаже Дулев и „Незо“ на Мерита Чочоли, а одлучувала Комисија во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на Комисијата, Дејан Лилиќ – актер, Тамара Котевска – режисер, Самир Љума – кинематографер, Мартин Иванов – монтажер, Иван Ѓоршев – мајстор на светло и Сања Арсовска – актерка.
Деведесет и третото доделување на Оскарите, поради пандемијата на ковид-19, е поместено од вообичаениот термин во февруари, за 25 април 2021 во Лос Анџелес, а номинациите ќе бидат објавени на 15 март.
По светската премиера на „Врба“ во октомври 2019 на црвениот килим на Филмскиот фестивал во Рим, каде беше примен со петминутни овации, филмот ја имаше македонска премиера на 1 ноември 2019. Во месеците што следеа шестиот игран филм на Манчевски ја надмина бројката од 30.000 гледачи, што е рекорд во Македонија. Ова е најгледан филм во државата за 2019, надминувајќи ги и холивудските блокбастери во киносалите во Скопје и низ земјава.
„Врба“ досега има освоено вкупно 5 меѓународни награди, а изминатиов месец освои 3 – при шпанската и американската премиера ги освои престижната Сребрена палма во Валенција, Шпанија и наградата за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во САД, а Манчевски беше награден за Најдобар режисер на Рејнденс во Лондон.
Утре „Врба“ ќе се прикаже во киното Синеплекс во Скопје.
„За една година од светската премиера на Римскиот филмски фестивал, ‘Врба’ освои вкупно 5 награди, постигна рекорди во кино и тв прикажувањето дома, доби одлични критики во светските медиуми, над 20 фестивали на четири континенти, а филмот го продолжува фестивалскиот поход со несмалено темпо што времено беше запрено поради ковид-19 пандемијата“, велат од продукцијата.
Б. НЕСТОРОСКА