„ВРБА“ НА ПРОЛЕТНА ФЕСТИВАЛСКА ТУРНЕЈА ОД ИНДИЈА ДО КАЛИФОРНИЈА

    „ВРБА“ НА ПРОЛЕТНА ФЕСТИВАЛСКА ТУРНЕЈА ОД ИНДИЈА ДО КАЛИФОРНИЈА

    „Врба“, шестиот филм на Милчо Манчевски, ќе игра на филмскиот фестивал во Бенгалуру, Индија (26 февруари до 4 март) во селекцијата со најуспешните филмови на изминатава година, меѓу кои оскаровецот  „Паразит“ на Бонг Јон-Хо, „Болка и слава“ на Педро Алмодовар,  „Офицер и шпион“ на Роман Полански.

    „Врба“, кој е најгледаниот филм во Македонија, пролетва ќе игра и на уште четири познати европски и светски фестивали: ФЕСТ во Белград, Синеквест во САД, Фантаспорто во Португалија и Софија, Бугарија.

    По светската премиера на „Врба“ на Римскиот филмски фестивал во октомври лани и по македонската премиера и киноприкажување од два и пол месеци со кое ги сруши сите рекорди на гледаност, филмот играше и  на светските фестивали во Тајпеј и Талин.

    На престојниот 48. ФЕСТ во Белград (од 28 февруари до 8 март), „Врба“ е во главната селекција за награди, со првата проекција на 2 март, и уште две, на 3 и 4 март.  Од ФЕСТ, „Врба“ оди на 40. издание на Фантаспорто во Порто (од 28 февруари до 8 март), еден од 20-те водечки во светот, каде филмот ќе биде прикажан на 6 март во програмата „Недела на режисери“.

    Во март, „Врба“ ќе ја има и американската премиера, во натпреварувачката програма на Синеквест, еден од најстарите и најреномирани фестивали во САД (од 3 до 15 март) во Сан Хозе и Редвуд Сити, Калифорнија.

    Исто така во март, „Врба“ ќе биде прикажан и на 24 фестивал во Софија, еден од најголемите во регионот (од 12 до 22 март).

    Изминатиов месец „Врба“ имаше премиера и во Нов Зеланд и доби награда за најдобар филм на камерниот фестивал за независни филмови во Велингтон.

    Филмот месецов беше прикажан и на два домашни филмски фестивали, „Златна рамка“ и „Фестивал на современи ирански и македонски филмови“.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари