ЗАВРШИ СНИМАЊЕТО НА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ ЗА СЛАТКАРИСТИКА „СЛУШНИ МЕ“, ПРЕМИЕРАТА ЌЕ БИДЕ ВО 2027

ЗАВРШИ СНИМАЊЕТО НА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ ЗА СЛАТКАРИСТИКА „СЛУШНИ МЕ“, ПРЕМИЕРАТА ЌЕ БИДЕ ВО 2027Последната клапа беше одбележана со заедничка прослава на филмската екипа, Слаткаристика, децата кои учествуваат во филмот и нивните родители, како и претставници од Институтот за слух, говор и глас. (Фото „Иноватива“)

По повеќе од две години, заврши снимањето на „Слушни ме“, музички документарен филм инспириран од животната приказна на раперот Марко Маринковиќ-Слаткаристика. Филмот зборува за неговото соочување со пелтечењето уште од детството и за тоа како преку музиката го пронашол сопствениот начин на изразување.

Режисер на филмот е Раша Петровиќ, сценариото е на Кристина Ризоска, а филмот е во копродукција на „ОХО продукција“ и „Иноватива груп“. Премиерата се очекува во првата половина на 2027.

Последната клапа беше одбележана со заедничка прослава на филмската екипа, Слаткаристика, децата кои учествуваат во филмот и нивните родители, како и претставници од Институтот за слух, говор и глас.

„Многу сум среќен и горд. Ова е мојата лична приказна, но и приказна на многумина кои во неа ќе препознаат дел од себе. Благодарен сум на ОХО што веруваа во идејата и на целиот тим што ја претвора во филм. Голема благодарност до сите учесници, несебични пријатели и поддржувачи, заедно правиме големо дело. Посебна благодарност до децата и нивните родители за искреноста и довербата, како и до сите вработени во Институтот за слух, говор и глас. Со овој филм посакувам секое дете што се соочува со говорни или какви било други тешкотии да знае дека не е само и дека и неговиот глас е важен“, вели Слаткаристика.

Покрај личните сведоштва на музичарот, филмот содржи играни сегменти од неговото детство и работилници со деца, преку кои се обработуваат темите за самодовербата, предрасудите и прифаќањето на различностите.

„Уште кога ја слушнав приказната на Слаткаристика, во неа препознав нешто што може да допре до луѓето насекаде во светот. Приказна за несигурноста, упорноста и храброста да се изразиш. Горд сум на екипата и на сите што ни ја дадоа својата доверба, особено на децата и нивните семејства“, вели продуцентот Пеце Талески.

Дел од оригиналната музика за филмот е снимена во студиото „Фејмс“ во Скопје, со оркестар составен од млади музичари од Европа и светот, учесници на истоимениот институт.

Со завршувањето на снимањето, „Слушни ме“ влегува во фаза на постпродукција.

Во мај, Агенцијата за филм му одобри на проектот „Слушни ме“ финансиска поддршка од 1,5 милиони денари (околу 24.000 евра) на Конкурсот за 2026 во прв рок, но по бројните реакции и критики во јавноста, на 2 јуни Слаткаристика и авторскиот тим се откажаа од средствата. Раперот тогаш кажа дека парите не му биле доделени лично нему, туку на филмскиот проект, и дека не сака филм кој зборува за разбирање и прифаќање да започне со поделби.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира