ЖЕНСКАТА РИМСКА МИЛОСТ ГО БРКА АЛЕКСАНДАР ВО СОЛУН

    ЖЕНСКАТА РИМСКА МИЛОСТ ГО БРКА АЛЕКСАНДАР ВО СОЛУНИако главната селекција годинава не е од најдобрите, публиката останува најголемото богатство на Солунскиот фестивал (Фото: ТИФФ)

    (Специјално од Солун: Марина КОСТОВА)

    Римската милост (каритас романа), приказната за Перо, жената која тајно се прикрала во затворот за да го дои татка си Симон осуден на смрт со гладување, класична, но релативно непозната тема што инспирирала стотици уметници низ времето, е тема и на селекцијата за Златен Александар на 59. филмски фестивал во Солун. Во конкуренцијата за наградата вредна 20 илјади евра се 15 дебија или втори филмови на авторите, а директорот Орестис Андреакис вели дека заеднички именител на сите овие филмови се варијациите на темата за Перо која ги надминува општествените улоги на мајка и ќерка.

    „Симон и Перо (Римска милост)“, масло на платно од Петер Пол Рубенс од 1630, едно од стотиците дела инспирирано од античката приказна која е тема и на годинашната селекција за Златен Александар на Солунскиот филмски фестивал

    „Милоста на Перо не ја одразува само семејната солидарност, туку е и храбар политички чин кој воспоставува нови општествени односи и културни симболи. Денес, можеме да ја преиспитаме оваа приказна во светлото на новите теории за улогата на жената, падот на патријархатот, хетеронормативноста на родовите улоги и перформативноста на општествениот род“, вели Андреакис.

    „Виновникот“ на Густав Малер

    Сепак, на 4 дена ред крајот и повеќе од половина поминати филмови, впечаток е дека инсистирањето на кураторски концепт е ризично за квалитетот на една селекција, оти изборот на филмови како да не е според нивниот квалитет туку според соодветноста за концептот.

    Меѓу трите филмови кои се издвојуваат како солидни дебија, за класа пред сите е данскиот „Виновникот“ на Густав Малер, приказна за суспендиран полицаец кој работи на прием на телефонски повици и кој една вечер ќе прими повик на жена која вели дека е грабната. Со извонреден усет за драма Малер полека ја отвара прикаската до неочекуваниот вознемирувачки пресврт, што истовремено е и прочистување на личниот грев на полицаецот.

    „Софија“ на Мароканката Мерјем Бенм’Барeк

    „Софија“ на Мароканката Мерјем Бенм’Барeк, за 20-годишна девојка што ќе роди вонбрачно дете, е трогателна драма за женскиот пркос и жртва при кршењето на строгите традиционални патријархални и малограѓански норми, што режисерката ја изведува со благ допир и особена симпатија за ликовите.

    „Се е добро“ на Германката Ева Тробиш, за девојка која решава со молчење да го надмине силувањето што го доживеала од познаник, за потоа полека да си го скрши сопствениот отпор кон траумата, е елегантно изведена драма со одлична камера и игра на актерката Ене Шварц, која со извонредна леснотија ја предава трансформацијата на ликот.

    „Се е добро“ на Германката Ева Тробиш

    Во програмата Балкански преглед, која и годинава е најпопуларна кај публиката, романскиот „Алиса Т“ на Раду Мунтеан, за 16-годишна тинејџерка која ќе абортира со таблети што ќе ги купи на Интернет, а дома лаже дека сака да го задржи бебето, го затвори кругот за тоа како се смениле навиките и нормите во земјата. Единаесет години по славниот „4 месеци, 3 недели и два дена“ на Кристијан Мунџиу, брутално реалистичен филм за абортус на диво во Романија на Чаушеску од 1980-те, филмот на Мунтеан исто така брутално покажува како се сменила културата, и како за жал жената пак е жртва.

    „Мртви жени одат“ на израелската авторка Хагар Бен Ашер, неколку приказни за осуденички на смрт поради брутални убиства, раскажани скоро документарно, е критичен поглед на пристапот до правда во САД за сиромашните и непривилигираните. Филмот е структуриран така што го следи процесот од одбивање на жалбата против смртната казна до фактичкото изведување на казната со смртоносна инјекција. Ашер инсистира дека општеството од овие жени направило убијци и исто така општеството не им овозможило фер судење и затоа завршуваат со смртни казни.

    „Алиса Т“ на Раду Мунтеан

    Конечно, иако главната селекција годинава не е од најдобрите, публиката останува најголемото богатство на Солунскиот фестивал. Во овие необично сончеви и топли ноемвриски денови, со саати се гледаат редици пред билетарниците, а проекциите се полни. Солун е голем град, но е своевидна културна провинција, па жителите од сите генерации знаат да ја ценат вредноста што ја има фестивалот и возвраќаат со масовно присуство.
    Ова издание на Солунскот фестивал завршува на 11 ноември со свеченото доделување на наградите.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари