„Огнот ќе дојде“ на францускиот автор Оливер Лаксе е победник на јубилејното 60. издание на Филмскиот фестивал во Солун, освојувајќи ја наградата Златен Александар и 15.000 евра. Филмот е трагична приказна за животот на осуден пироман кој по отслужувањето на казната ќе се врати во родното забито планинско село во Галиција да живее со болната мајка. Ова е трет филм на Лаксе, а годинава за него во Кан освои награда на жирито во програмата Извесен поглед.
Жирито на чело со Ругиле Барзджиукаите, литванската уметница и режисерка која е годинашниот добитник на Златниот лав на Венециското биенале на уметност, Сребрениот Александар и 8.000 евра го додели на „Треска“ на бразилската дебитантка Маја Да-Рин, приказна за домороден индијанец кој живее во мало бразилско место и кој ќе ненадејно ќе почне да се разболува откако, по смртта на сопругата, ќерка му ќе оди да студира за лекарка во голем град.
Бронзениот Александар го освои перуанскиот „Песна без име“ на дебитантката Мелина Леон, филм врз вистинска приказна за домородна индијанка чие бебе е одземено од властите при породувањето, скандал кој откри голема злоупотреба на родилките. Скандалот го откри перуански новинар, кој е татко на режисерката.
Култниот американски режисер Џон Вотерс годинава доби награда за животно дело во Солун, која му беше врачена на посебна церемонија.
„Го викаат Папа на трешот и Крал на невкусот, ама откако имав чест да го запознаам деновиве, мислам дека најдобро му прилега титулата Најкул човек во историјата на филмот. Тој е човекот кој прави филмови на свој уникатен начин, кој нè шокираше низ смеа и ни кажуваше да бидеме свои без оглед што мислат другите“, рече на доделувањето на наградата директорот на фестивалот Орестис Андреакис.
Џон Вотерс се заблагодари „што го чествувате мојот филмски треш и што ми дадовте шансз да го ширам невкусот на меѓунадорна сцена“.
„Но, исто така, фала и што ми дозволивте да го покажам мојот добар вкус, со другите екстремни филмови кои ги споделив во програмата Карт бланш“, рече Вотерс, кој во чест на наградата имаше и своја програма со избор на филмови кои ги сака.
М. КОСТОВА