(Од Солун за САКАMДАКАЖАМ.МК: Марина КОСТОВА)
„Еден ден од животот на Џо: Поглавје Федра“ на грчката авторка Жаклин Ленцу го освои „Златниот Александар“ за најдобар филм на Филмскиот фестивал во Солун во меѓународната конкуренција за награди насловена „Пристигнувања“. Ова е втор филм на Ленцу, со кој освои наградата за најдобра режија во програмата Хоризонти на Венецискиот фестивал.
Филмот следи еден ден во животот на 15-годишната тинејџерка Џо, која се справува со депресивна мајка, отсутен татко и сопствената самотија, а случајна трагедија го носи филмот во сосем неочекувано експериментално друго ниво. Евиа Андриополу, која ја игра Џо доби специјално признание за најдобра актерка, а филмот освои уште неколку споредни награди.
„Сребрен Александар“ за најдобра режија добија дебитантите Полин Жилие и Никола Шапулие за „Далечни земји“, филм кој следи тројца мажи кои пренесуваат слика низ Европа опустошена од војни и востанијав оо 1652 година.
Во селекцијата „Запознајте ги соседите+“ Затен Александар освои „Дуа“, вториот филм на косовската авторка Блерта Башоли, за созревањето на 13-годишно девојче пред војната во Косово. „Сребрен Александар“ за најдобра режија доби Абдала Алхатиб за „Хроники од опсадата“ чија приказна се фрагменти од животот на Палестинците во Газа и во бегалските кампови.
Во „Напреден филм“, селекција која претставува иновативен филмски израз, „Златен Александар“ доби иранско-српската двојка Хода Тахери и Борис Хаџија за „Ја засадувам раката во градината“, докуфикција за иранска бремена лезбијка и српски геј сопруг кои го истражуваат својот идентитет како бегалци во Германија. „Сребрен Александар“ доби Роб Рајс за „Пондероса“. Наградата за најдобро уметничко остварување ја доби грчкиот авотр Аргирис Германидис за „Честички прав“.
Наградата на Меѓународната федерација на филмски критичари-ФИПРЕСЦИ ја доби „Речен брег“ на бразилското дуо Матеуш Фаријаш и Енок Карвалјо.
Еден од најпопуларните настани на фестивалот беше мастеркласот на прочуената британска филмска режисерка, авторка, теоретичарка и академска професорка Лора Малви. Педесет и една година по објавувањето на нејзиниот култен есеј „Визуелното задоволство и наративниот филм“ (Visual Pleasure and Narrative Cinema), Малви, една од најзначајните фигури во феминистичката филмска теорија, повторно се осврна на прашањата за визуелното задоволство, желбата и гледачката позиција – теми што влијаеле врз генерации филмски автори, критичари и гледачи. Мастеркласот се одржа во рамките на програмата посветена на творештвото на Малви.
„Овој есеј го напишав под влијание на движењето за ослободување на жените. Всушност, во тоа време не го користевме зборот ‘феминизам’, туку зборувавме за ‘ослободување на жените’. Освен тоа, текстот немаше академски карактер, со оглед на фактот дека филмските студии како академска дисциплина речиси и не постоеја во Обединетото Кралство во тоа време. Стануваше збор за реторички и политички есеј и токму во тие рамки треба да се чита и денес“, рече Малви.

Еден од најпопуларните настани на фестивалот беше мастеркласот на прочуената британска филмска режисерка, авторка, теоретичарка и академска професорка Лора Малви. (Фото: ТИФФ)
Говорејќи за нејзината подоцнежна збирка есеи, насловена „Одблесоци: За филмот, жените и времињата што се менуваат“ (Afterimages: On Cinema, Women and Changing Times), Малви го објасни својот избор да ја користи заменката „тој“ за гледачот:
„Бев критикувана затоа што за гледачот ја користев заменката ‘тој’. Мојот избор, сепак, беше сосема намерен. Сакав да покажам дека естетиката и јазикот на холивудскиот филм, всушност, му се обраќа на гледачот како на маж. Освен тоа, во јазикот од тоа време, заменката ‘тој’ се користеше универзално за означување на општиот субјект. Затоа, ме интересираше да покажам како оваа јазична генерализација била непроменета пренесена и во јазикот на филмот“, рече таа.

„За мене, режирањето филмови е како молитва. Тоа е мојот начин да ја славам сложеноста на животот, да ја изразам благодарноста што сум жив и да почувствувам поврзаност со сè што се случува околу мене“, рече шпанскиот режисер Оливер Лаше. (Фото: ТИФФ)
На прашањето до кој степен нејзините теории можат да се применат во денешниот дигитален свет, таа рече: „Начините на кои младите жени и понатаму се изложени на насилство, како и кризата поврзана со нивната слика за себеси, која се чини дека културата на самослик-фотографиите дополнително ја продлабочува, според мене, се меѓу најгорливите прашања на нашето време. Сепак, не сум сигурна дека моите теории, кои во голема мера се засноваат на бинарното сфаќање на родот, можат целосно да ни помогнат да го разбереме овој феномен. Истовремено, на човек на моја возраст му е тешко да ги сфати вистинските размери на дигиталната експанзија. Одредени нејзини аспекти прават да се чувствувам како европска селанка од 14. или 15. век, на која штотуку ѝ ја претставиле хелиоцентричната теорија, според која Земјата се врти околу Сонцето“, рече Малви.

„Добредојдовте во пустината“, мултимедијалната инсталација на Лаше инспирирана од неговот хит „Сират“. (Фото: ТИФФ)
Шпанскиот режисер Оливер Лаше беше најголемата ѕвезда на фестивалот, а на мастеркласот зборуваше за својата творечка филозофија, улогата на интуицијата во филмското творештво и поврзаноста меѓу кинематографијата, духовноста и природата. Лаше кажа дека неговите филмови првенствено произлегуваат од слики, пејзажи, звуци и човечки средби, а не од конвенционално раскажување приказни или однапред утврдени формули. Тој ја истакна важноста на прифаќањето на неизвесноста, експериментирањето и грешките, посочувајќи дека финансиските притисоци и потребата за јасни објаснувања можат да ја ограничат уметничката слобода. Осврнувајќи се на своите искуства во Мароко, зборуваше и за емпатијата, културната размена и потребата да се преиспитаат западните перспективи при прикажувањето на другите култури. Говорејќи за својот последен филм, „Сират“ кој лани беше номиниран и за Оскар, и симболиката на пустината, Лаше кажа дека филмската уметност ја семта за длабоко лично и речиси духовно искуство, вкоренето во потрагата по поврзаност, љубов и подлабоко разбирање на животот.
„За мене, режирањето филмови е како молитва. Тоа е мојот начин да ја славам сложеноста на животот, да ја изразам благодарноста што сум жив и да почувствувам поврзаност со сè што се случува околу мене“, рече Лаше.
Лаше беше куратор на фестивалската програмата „Добредојдовте во пустината“, а во чии рамки беше претставена и неговата истоимена мултимедијална инсталација.




