СО 5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ НА УНДП И ШВАЈЦАРИЈА ЗА СПАС НА ЕЗЕРОТО, ПЕЛИКАНИТЕ ЗА ПРВПАТ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГНЕЗДАТ ВО ПРЕСПА

    СО 5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ НА УНДП И ШВАЈЦАРИЈА ЗА СПАС НА ЕЗЕРОТО, ПЕЛИКАНИТЕ ЗА ПРВПАТ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГНЕЗДАТ ВО ПРЕСПАПреспа може да стане поволно место за гнездење на пеликаните, што долго време немало, а за тоа помогна Програмата за реставрација на Преспанското Езеро на УНДП и Швајцарската агенција за соработка и развој со 5 милиони долари, преку која се намали загадувањето на Преспанското Езерот (Фото: Македонско еколошко друштво)

    Заштитен е опстанокот на пеликанот во Преспа, а еколозите се надеваат дека оваа птица во иднина ќе ги свие и првите гнезда од македонската страна на Езерото. Македонското еколошко друштво на 6 мај, по повод Светскиот ден на пеликаните, изврши мониторинг на присуството на оваа птица во  Преспа.

    „Во Македонија не знаеме дали некогаш имало гнездечка популација, но долго време ја нема. Нашите мониторинзи укажуваат дека Преспа може да стане поволно место за гнездење на пеликаните. Забележуваме дека тие веќе се однесуваат како да формираат колонија и се задржуваат подолго време заедно со бели чапји и корморани. Очекуваме во иднина да имаме и локална гнездечка популација“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Ксенија Путилин од Македонското еколошко друштво.

    За опстанок и зголемена популација на пеликаните придонесува и Програмата за реставрација на Преспанското Езеро, преку која УНДП и Швајцарската агенција за соработка и развој вложија над 5 милиони долари. Преку неа се намали загадувањето на езерото, концентрациите на фосфор и азот како остатоци на вештачките ѓубрива од земјоделството, оптимизирано е искористувањето на водата за наводнување, подобрен е третманот на отпадните води, се враќаат на блатата како природни прочистувачи на водите и  други активности кои го  спасија езерото од деградација.

    Еколозите забележаа дека тие пликаните веќе се однесуваат како да формираат колонија и се задржуваат подолго време заедно со бели чапји и корморани и очекуваат во иднина да има и локална гнездечка популација (Фото: Македонско еколошко друштво)

    „Анализите покажуваат дека во голема мера е подобрен квалитетот на водата. Тоа автоматски повлекува и промена на видовите риби присутни во езерото. Во претходните шест-седум години се среќаваа риби кои беа повеќе агресивни и го потиснуваа развојот на автохтоните риби, а ја намалуваа и количината на риба. Има сериозни подобрувања во однос на рибната популација“, вели Никола Здравески, стручен соработник во проектната канцеларија на УНДП.

    Зголемениот рибен фонд овозможува и повеќе храна за птиците.

    „Квалитетот на водата е добар и ги нема тие подводни треви, многу полесно се стигнува до рибата. Пеликанот не е птица која влегува под вода  да лови. Таа ја идентификува рибата, се спушта, го отвора клунот и собира одредена количина на риба“, вели Здравески.

    Малото Преспанско Езеро ја има најголемата гнездечка колонија на кадроглави пеликани и заедно со големото Преспанско Езеро претставува еко-систем кој поддржува скоро 10% од светската популација на оваа глобално загрозена птица. Кадроглавите пеликани се наречени и далматински, зашто имаат сивкасто обоени пердуви кои од далеку изгледаат како темни дамки. На Преспанското Езеро се забележува и обичниот пеликан пак, во овој опериод од годината добива розово обојување на градите. Ова се едни од најголемите и најтешки птици, кои во просек тежат околу 10 кила. Најголема концентрација на пеликани има во летниот период кога за време на мониторинг биле забележани до 1.300 единки.

    Македонското еколошко друштво на 6 мај, по повод Светскиот ден на пеликаните, изврши мониторинг на присуството на оваа птица во Преспа

    „Засега можеме да кажеме дека на пеликаните им оди дробро. Во голема мера тоа е поради подобрените услови во Езерани и на целото езеро. Со подобрувањето на состојбата на езерото и зголемувањето на рибата, но и подобрените гнездечки услови во Грција, пеликаните сега имаат многу стабилна популација. Наклонетоста на локалното население и постоењето на ренџерската служба во Езерани, која  внимава да нема големо вознемирување на птиците, создаваат услови за гнездење некогаш во иднината“, вели Путилин.

    Пеликаните се гнездат во појасите со трска на природни или вештачки платформи, но се многу чувствителни на вознемирување од луѓето, поради што најчесто целосно го прекинуваат гнездењето. Се очекува воспоставената ренџерска служба да ги заштити природните ресурси во Езерани, место кое во минатото се соочуваше со опожарување на вегетацијата и кражба на песок, а денес има зголемен број на птици и површини со трска.

    Д. ЧУБРИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари