60 ГОДИНИ ОД ИЗГРАДБАТА НА БЕРЛИНСКИОТ ЅИД – ВО ЕДНА НОЌ БЕА ПОСТАВЕНИ 150 ТОНИ БОДЛИКАВА ЖИЦА

    60 ГОДИНИ ОД ИЗГРАДБАТА НА БЕРЛИНСКИОТ ЅИД – ВО ЕДНА НОЌ БЕА ПОСТАВЕНИ 150 ТОНИ БОДЛИКАВА ЖИЦАКонечната верзија на ѕидот беше довршена во 1975 и се протегаше 156,4 километри. (Фото: ДПА)

    Германија денеска одбележува 60 години од изградбата на Берлинскиот ѕид, кој формално ја подели нацијата на два ривалски политички система и предизвика смрт на околу 140 луѓе кои се обиделе да избегаат на запад. Бетонската бариера стана еден од симболите на Студената војна и на поствоената поделба на Европа.

    Источногерманските војници почнаа да го подготвуваат ѕидот кога ноќта на 13 август 1961 поставија над 48 километри бодликава жица низ централниот Берлин, иако непосредно пред тоа тогашниот лидер на Источна Германија Валтер Улбрихт ја уверуваше нацијата дека никој нема намера да изгради ѕид. За само неколку часа од полноќ до зора, границата беше затворена со 150 тони бодликава жица.

    Берлинскиот ѕид почна како едноставна бариера направена од жица и бетонски блокови, но со тек на време беше зајакнат и го окружи целиот Западен Берлин. Конечната верзија беше довршена во 1975 година и се протегаше 156,4 километри.

    Ѕидот беше еден од симболите на Студената војна и на поствоената поделба на Европа. (Фото: ДПА)

    На 3,6 метри високиот ѕид беа поставени и стражарски кули кои го набљудуваа таканаречениот појас на смртта меѓу источниот и западниот дел на Германија. Иако на источногерманските граѓани им беше забрането да патуваат во западниот дел, околу 5.000 луѓе сепак успеаја да избегаат. Во тоа време, бегството се сметало за предавство и граничарите имале наредба да пукаат во бегалците.

    Ѕидот падна во ноември 1989, со што се отвори пат за обединување на Германија.

    „Секој 13 август, Берлин се сеќава на оние кои починаа на ѕидот, но и на човечкото страдање предизвикано од поделбата на земјата, градот, семејствата, пријателите“, изјави градоначалникот Михаел Милер.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира