80-ГОДИШНИОТ СЛИКАР МИЧАК СИ ГО РЕСТАВРИРАШЕ ЗАБОРАВЕНИОТ МУРАЛ ВО БОГДАНЦИ СО АВТОБУСОТ БАБ’TA KATA

    80-ГОДИШНИОТ СЛИКАР МИЧАК СИ ГО РЕСТАВРИРАШЕ ЗАБОРАВЕНИОТ МУРАЛ ВО БОГДАНЦИ СО АВТОБУСОТ БАБ’TA KATAНа муралот на зид од тогашната автобуска станица во Богданци пред скоро пола век Димитар Чакалов - Мичак ги наслика првите згради, автобуси, камиони но и жената во народна носија која носи грозје и зеленчук како централна фигура на целата композиција (Фото: СДК.МК)

    Творецот на единствениот мурал во Богданци Димитар Чакалов – Мичак, кој има речиси 80 години, се нафати да ја реставрира сликата што е гордост и белег на богданчани. Станува збор за слика изработена на зид од тогашната автобуска станица, која го опишува растежот и развојот на овој град, благодарение на функционирањето на земјоделско-индустрискиот комбинат „Изворски“ и  „Млаз-Богданци“. На муралот се насликани првите згради, автобуси, камиони,  но и жената во народна носија која носи грозје и зеленчук како централна фигура на целата композиција.

    Муралот е со димензии од 4,5 на 3 метри и имаше за цел да ги потсеќа сите кои доаѓаат и заминуваат од Богданци накусо да се потсетат за овој град, вели Мичак (Фото: СДК.МК)

    „Сликата беше нарачанa од тогашниот директор на ‘Млаз’ од Богданци, сега покоен Томчо Шимов. Како наставник по ликовно, ги цртав амблемите на камионите на ‘Млаз’ и ме замоли да направиме огромна слика која ќе го раскаже развојот на ова место со отварањето на фирмата, но и ‘Изворски’, каде работеа сите богданчани па дури и од околните градови. Одлучивме тоа да биде ѕидот на автобуската.  Го насликав првиот автобус, камион, старите куќи, првите згради, стаклените  оранжерии со жена која во народна носија во дрвена гајба носи овошје и зеленчук. Муралот е со димензии од 4,5 на 3 метри и имаше за цел да ги потсеќа сите кои доаѓаат и заминуваат од Богданци накусо да се потсетат за овој град”,  вели Мичак, кој предавал ликовно во повеќе училишта во Богданци и Гевгелија, а се пензионираше пред 18 години.

    Мичак цел месец работел на реставрацијата на муралот (Фото: СДК.МК)

    Како што раскажува Мичак, муралот бил саниран пред 20 години  бидејќи на неколку места бил оштетен од ферквенцијата на патници на автобуската во Богданци.  Го повикале тогаш Ристе Станковски и Дине Чучанов повторно да ги наслика оштетените делови за да не се заборават компаниите „Млаз“  и „Изворски“  кои почнале да пропаѓаат. Процесот на приватизација на транспортната компанија го почуствувал и овој мурал во центарот на градот. Никој не се грижел за него сѐ до новиот сопственик на зградата на автобуската, пекарата ,,ММ’’ која почна да ја адаптира за  продавница за бели печива. Го повикале пред два месеци да ја санира огромната слика, но и да се додадат нови елементи кои исто така ќе сведочат за растежот на ова место.

    Никој не се грижел за муралот сѐ до новиот сопственик на зградата на автобуската, пекарата ,,ММ’’, која почна да ја адаптира за продавница за бели печива, и го повикале Мичак да ја санира огромната слика, но и да се додадат нови елементи кои исто така ќе сведочат за растежот на Богданци (Фото: СДК.МК)

    „Кога ме замолија да ја реставрирам сликата како да воскреснав со моето кревко здравје и здравствените проблеми на сопругата, бидејки таа слика е мое чедо и ќе ми беше криво ако се уништеше.  Цел месец од утро до вечер работев на неа. На моја иницијатива како автор, но и во согласност на новите сопственици, ги додадов новата црква, старата камбанарија, хотелот ‘Изворски’, ветерниците и познатиот автобус Ба’бта Ката. Сакам  ова дело да биде и понатаму гордост на жителите и Богданци, кое беше познато од Триглав до Вардар токму поради ‘Млаз’ како фирма која беше двигател на животот на ова место“, вели Мичак и додава дека на муралот има вкупно 50 посебни елементи кои дават пресек на Богданци низ историјата.

    Муралот сега ќе биде и заштитен и осветлен за да може да биде прегледен и за минувачите во центарот на Богданци, не само тие што ќе влезат во продавницата на пекарата.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира