На прославениот австриски бизнисмен и вљубеник во операта родум од Македонија Аки Нуредини, на свеченост во Државната опера на Виена, (во четвртокот вечер) му беше врачена титулата Златен медал и Златен крст на честа за служба во Австрија, највисоко призание што го доделува претседателот на оваа земја.
Ова признание се доделува на државно ниво, па така титулата на Нуредени му беше врачена од директорот на прочуената Штац опера во Виена, Доминик Маер и од преседателот на австриските театри, Кристијан Кирхер.
Честа што Виена и Австрија му ја оддаваат на сопственикот на познатиот ресторан „Соле“ во Виена, кој важи како неформален амбасадор на Македонија во Виена, во практика ја искажуваат благодарноста од поддршката и пријателството што светскиот оперски џет-сет и политичарите го искажуваат кон Аки, кој секогаш сака да поенцира дека е од тетовското село Камењане.
Титулата за придонесот за државата Австрија, за Аки Нуредини доаѓа по осум години откако тој во 2009 година беше прогласен за почесен граѓанин на Виена.
Во текот на март и април оваа година, неговиот ресторан стана и неформално место за преговорите за името со Грција. Пред, или после средбите во Виена под покровителство на Обединетите нации, министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас поминуваа неколку часови на вечера кај Аки.
- ДИМИТРОВ И КОЅИЈАС НА ВЕЧЕРА КАЈ АКИ ОД КАМЕЊАНЕ ВО ВИЕНА
- ДИМИТРОВ И КОЅИЈАС ГИ ПРОДОЛЖИЈА ПРЕГОВОРИТЕ СО ПОСРЕДСТВО НА ИТАЛИЈАНСКИ БАЛЕТСКИ УМЕТНИК ВО РЕСТОРАНОТ НА АКИ
Ресторанот „Соле“ близу Државната опера во Виена, над 30 години е омиленото сврталиште на оперските ѕвезди од кои повеќето станаа блиски пријатели со семејството Нуредени. Овој ресторан и заложбите на Аки немаат помало значење ниту за поврзување на политичко ниво, зашто политичарите и дипломатите таму доаѓаат во безбедна сфера која овозможува разговор во неформална и космополитска атмосфера на уметнички пријателства од целиот свет.