ТЕТОВО СЕ СТРЕСЕ ОД ГЛАСОТ НА ОПЕРСКАТА ДИВА ИНВА МУЛА

    ТЕТОВО СЕ СТРЕСЕ ОД ГЛАСОТ НА ОПЕРСКАТА ДИВА ИНВА МУЛАКонцертот на Инва Мула во Тетово беше во рамките на шестото издание на музичкиот фестивал „Сцена на албанската сериозна музика“ и беше посветен на Аки Нуредини, сопственик на познатиот ресторан „Соле“ во Виена, кој е родум од тетовското село Камењане и кој е голем вљубеник на оперската музика, а чиј ресторан во Виена е често посетуван од најпознатите светски оперски пејачи и музичари (Фото: СДК.МК)

    Со долги аплаузи, бројни овации и неколку враќања на бис, тетовската публика синоќа го поздрави настапот на светската оперска дива Инва Мула во Центарот за култура „Ињо Антески Смок“ во Тетово. Мула е сопран која на пошироко е позната по тоа што го позајми гласот на Дивата од популарниот филм „Петиот елемент“ на Лик Бесон. По потекло е од Албанија, а во својата музичка кариера настапувала на најеминетните светски оперски сцени изведувајќи ги главните ролји од познатите опери.

    Од Министерството за култура на Аки Нуредини му беше врачена Повелбата „Пријател на културата“ (Фото: СДК.МК)

    Концертот на Инва Мула во Тетово беше во рамките на шестото издание на музичкиот фестивал „Сцена на албанската сериозна музика“ и беше посветен на Аки Нуредини, сопственик на познатиот ресторан „Соле“ во Виена, кој е родум од тетовското село Камењане и кој е голем вљубеник на оперската музика, а чиј ресторан во Виена е често посетуван од најпознатите светски оперски пејачи и музичари. Нуредини беше гостин на концертот, а во негова чест на концертот се изведе симфонијата насловена „Нуредини“ од австрискот композитор Мајхнард Риденауер.  Симфонијата  ја изведе Македонската филхармонија, под диригенство на младиот диригент Гриди Краја од Тирана.

    На концертот дојде и дел од потесното раководство на ДУИ предводено од Али Ахмети (Фото: СДК.МК)

    Во рамките на оваа манифестација од Министерството за култура на Аки Нуредини му беше врачена Повелбата „Пријател на културата“, а австрискот композитор Мајхнард Риденауер доби Плакета од Центарот за култура.

    Концертот на Инва Мула се состоеше од два дела, во првиот заедно со Македонската филхармонија, отпеа неколку арии од познатите опери на Верди и Пучини како и неколку наполитански песни, а во вториот дел пееше 6 песни на албански јазик компонирани од албански композитори, меѓу кои и три песни компонирани од татко ѝ Авни Мула.

    Мула пееше со Македонската филхармонија под диригенство на младиот диригент Гриди Краја од Тирана (Фото: СДК.МК)

    Прекрасниот колоритен и продорен лирски сопран на Инва Мула никого не го остави рамнодушен. Тетовската публика досега немала можност да присуствува на концерт на уметник од ваков светски глас, а салата беше преполна. На концертот дојде и дел од потесното раководство на ДУИ предводено од Али Ахмети. Единствено недостасуваше градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи, која, како што ни рекоа од нејзиниот кабинет, не дошла на концертот поради семејни обврски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира