„Алкалоид АД Скопје“ донира 12.300.000 денари (200.000 евра) на наменската донаторска сметка на Министерството за здравство, отворена за справување со здравствената криза среде пандемијата на коронавирусот.
Во исто време, компанијата одлучи да ги намали цените на 158 свои производи, што ги вклучува и фармацевтските брендови „Аналгин“, „Кафетин“, „Прокулин“, „Бетадине“, „Ацерола“, „Блокмакс“ и „Бронлес“, потоа лекови за намалување на телесната температура, одредени помошни лековити средства, разни витамини и додатоци во исхраната, средствата за чистење од колекцијата „Глос“, сите дезинфициенси, антисептици, средства со антибактериско дејство и други слични производи.
„Веќе две недели Алкалоид АД Скопје функционира во извонредно турбулентни услови. Се бориме да обезбедиме залихи на производи кои не ни се примарна дејност, но во моментов се од суштинско значење за сите. Се соочуваме со огромни логистички предизвици во услови на затворени граници и блокирани и поскапени суровини и амбалажи. Почнувајќи од денеска, ќе мора да ја адаптираме и работата по смени во согласност со дозволените термини на движење, имајќи предвид дека голем дел од нашите вработени доаѓаат на работа од подрачја кои гравитираат кон Скопје“, соопшти компанијата.