„АЛКАЛОИД“ ЛАНИ ГО ЗГОЛЕМИ ИЗВОЗОТ ЗА 16% И ОСТВАРИ ПРОДАЖБИ ОД НАД 230 МИЛИОНИ ЕВРА

    „АЛКАЛОИД“ ЛАНИ ГО ЗГОЛЕМИ ИЗВОЗОТ ЗА 16% И ОСТВАРИ ПРОДАЖБИ ОД НАД 230 МИЛИОНИ ЕВРАВо периодот јануари-декември 2022 во „Алкалоид“ се реализирани 187 нови вработувања во Македонија (Фото: СДК.МК)

    „Алкалоид“ минатата година оствари раст на консолидираниот извоз од над 16 %, консолидирани продажби од 231,9 милиони евра и 187 нови вработувања во земјава, соопшти компоанијата.

    Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-декември 2022 продажбите достигнуваат 10.538.230.192 денари, што е за 10% повеќе во споредба со истиот период во 2021. Вкупните консолидирани продажби достигнуваат 14.289.050.974 денари или за 12% повеќе.

    Консолидираните продажби на домашниот пазар се зголемени за 3%, а вкупниот консолидиран извоз за 16%. Од вкупните консолидирани продажби, 68% се остварени на странските пазари, од кои 30% во југоисточна Европа и 21% во западна Европа (ЕУ и ЕФТА). Најголем пораст бележат продажбите во Полска, каде што се удвоени, потоа во Романија (раст од 81%), САД (51%) и Грција (43%). Во 2022, во сегментот фармација се реализираа и првите поголеми продажби во Португалија, во износ од 18,7 милиони денари и во Монголија (12,8 милиони).

    Во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација – 88%, па следува хемија, козметика и билкарство со 12%.

    Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-декември 2022 изнесуваат 1.474.213.445 денари.

    Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.381.036.341 денари, бележи зголемување од околу 9%, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.411.542.911 денари и е зголемена за 10%. Консолидираната добивка пред ЕБИТДА достигна 2.537.701.372 денари и бележи раст од 10%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 1.463.420.874 денари е зголемена за 12%.

    Во периодот јануари-декември 2022 во „Алкалоид“ се реализирани 187 нови вработувања во Македонија. Групацијата брои 2.617 вработени, од кои 2.019 во земјата, а 598 во подружниците во странство.

    Акциите на „Алкалоид“ котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002. Цената на акцијата во периодот јануари-декември 2022 година се движеше од 15.556 до 19.400 денари или просечно 17.475,80 денари за една акција, што претставува раст од 10,6%. На 31.12.2022, акциите на „Алкалоид“ беа во сопственост на 5.332 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше над 24,5 милијарди денари.

    Бизнис-планот за 2023 предвидува инвестирање на околу 11% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст на консолидираните продажби од 10% и раст консолидираниот профит пред оданочување од 7%.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира