Амстердам ќе ги исели проститутките од зоната на црвените фенери и ќе отвори „еротски центар“ далеку од центарот на градот, одлучија советниците. Предлогот на градоначалничката Фамке Халсема да затвори значителен дел од прозорците во тесните улички околу историските канали беше поддржан од широка група на политички партии.
На сексуалните работнички ќе им биде понудено да се преселат во наменски направен центар на локација која допрва треба да се утврди.
Конзервативните партии долго време лобираа за затворањето на прозорците во областа Де Вален и тоа сега беше поддржано и од ВВД, партијата на премиерот Марк Руте, Лабуристичка партија и од Зелените.
„Ова има за цел да го обнови Амстердам како туристички град. Туристите се добредојдени да уживаат во слободата и убавините на градот, но не по која било цена“, изјави Дидрик Бомсма од Христијанско-демократската партија.
Кога идејата првпат беше предложена, едно истражување покажа дека 90% проститутки и натаму сакаат да работат во зоната на црвените фенери, но мнозинството советници се согласија дека преселбата е неопходна за да се смени типот на туристи што ќе доаѓаат во Амстердам.