Продуцентите на новиот филм од франшизата „Невозможна мисија“ се откажаа од обидот да добијат дозвола за слетувањe на десетици хеликоптери на Свалбард, заштитениот арктички архипелаг на половина пат меѓу Норвешка и Северниот Пол, каде поларните мечки се побројни од луѓето.
На почетокот на неделава, медиумите објавија дека продуцентите на „Невозможна мисија: Мртва пресметка Втор дел“ (Mission Impossible: Dead Reckoning Part Two) кој треба да излезе во 2024, се обидувале да ја оспорат одлуката на гувернерот на Свалбард да им ги одбие дозволите за слетување за снимањето. Локалните власти одбија дозвола за слетување на 40-тина хеликоптери на различни локации побарани од продуцентската компанија „ПоларИкс“, поради загриженоста за нарушување на дивиот свет.
Според јавниот радиодифузен сервис НРК, снимањето на некои сцени започнало во Свалбард неделава, а бродот „ПоларИксплорер“, кој е изнајмен за продукцијата, се закотвил во Лонгјарбиен, главен град на архипелагот.
Ѕвездата на филмот, Том Круз, кој беше фотографиран на улиците на Лонгјарбиен во четвртокот, одби да разговара за ова прашање со локалниот весник и само кусо кажа „Прекрасно е да се биде овде“.
На Свалбард има околу 2.700 луѓе. Се смета за рај на широк спектар видови животни, како арктички лисици, брадести фоки, моржови, ирваси, пет видови фоки, 12 видови китови и околу 3.000 поларни мечки.