СО АВТОРСКИОТ СТИЛ И ШАРМ, ГАПО ВЕЧНО ГИ ИЗБЕГНУВАШЕ СТЕРЕОТИПИТЕ – ИЗЛЕЗЕ ДВД ИЗДАНИЕ СО 6 НЕГОВИ ФИЛМОВИ

    СО АВТОРСКИОТ СТИЛ И ШАРМ, ГАПО ВЕЧНО ГИ ИЗБЕГНУВАШЕ СТЕРЕОТИПИТЕ – ИЗЛЕЗЕ ДВД ИЗДАНИЕ СО 6 НЕГОВИ ФИЛМОВИНа ДВД изданието се содржани играните филмови „Денови на искушение“, „Време без војна“, „Истрел“, „Најдолгиот пат“, „Време, води“ и „Македонска сага“, со титлови на англиски, албански јазик и на македонски за лицата со оштетен слух

    Режисерот Бранко Гапо не беше зависен од ниту една институција, работеше и остана верен и приврзан само на своите пориви и уметнички визии, рече в.д директорот на Кинотеката на Македонија, Владимир Ангелов на денешната промоција на ДВД изданието со шест филмови на еден од големите македонски филмски мајстори.

    Проектот на реставрација и дигитализација ги опфати играните филмови „Денови на искушение“, „Време без војна“, „Истрел“, „Најдолгиот пат“, „Време, води“ и „Македонска сага“, со титлови на англиски, албански јазик и на македонски за лицата со оштетен слух.

    Говорејќи за творештвото на Гапо, Ангелов рече дека во шестдецениската кариера, оформил препознатлив стил и завзел авторски интелектуален став, поткрепен со неговиот авторски и личен шарм, вечно избегнувајќи да ги прифати конвенционалните теми.

    „Зад Гапо останаа многу нереализирани филмски мечти, како на ‘Диво месо’ споре драмата на Горан Стефановски, ‘Време на козите’ според романот на Луан Старова, документарен филм за Григор Прличев“, рече в.д директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов

    Претставувајќи ја неговата биографија, Ангелов потенцираше дека во 1968 година заедно со Ацо Петровски го раскинуваат работниот однос со „Вардар филм“ и ја формираат првата независна филмска продукција во Македонија, „Филмската работна заедница“.

    Тој чекор, кажа Ангелов, овозможи реализација на филмови со поинаков стил и естетика од оние во „Вардар филм“.

    „Имав чест да го познавам и се сосема со согласувам со колешката Илинденка Петрушевска кога говори за Гапо дека беше волшебник, сонувач, истражувач, и затоа македонската култура имаше среќа што во своите пазуви згрна автор кој континуирано му припаѓаше на светот на уметноста, пред сѐ на светот на подвижните слики.

    За своите дела Гапо говореше дека го истакнуваат македонското страдание низ историјата, но фокусот е секогаш ставен на издржливоста која е најголема човечка доблест.

    Зад Гапо останаа многу нереализирани филмски мечти, како на ‘Диво месо’ споре драмата на Горан Стефановски, ‘Време на козите’ според романот на Луан Старова, документарен филм за Григор Прличев“, рече в.д директорот.

    Раководителот на Одделение за прибирање, заштита, обработка и чување на филмови и филмски материјали во Кинотеката, Игор Старделов го претстави процесот на дигитализација, кој се одвивал од февруари до ноември 2017 година , во студиото за специјални ефекти „Визие СФТ“ во Загреб.

    Министерот за култура Роберт Алаѓозовски рече дека Министерството е свесно за финансиските импликации што произлегуваат од недостигот на филмска лабораторија во Македонија, па Кинотеката сите филмови мора да ги дигитализира и реставрира во странство.

    „Затоа, во наредниот период ќе се посветиме на неколкуте проекти што се предлагаат од Кинотеката на Македонија како што е и создавање центар за дигитализација во рамките на филмскиот архив на Кинотеката“,  рече министерот.

    Настанот го организираа Управата за заштита на културното наследство и Кинотеката на Македонија, матична институција за заштита на аудиовизуелното културно наследство.

    Дигитализацијата на творештвото на Гапо е дел од годишната програма на УЗКН за одбележување на Европската година на културното наследство, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.

    Б.НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира