Битолчанецот Никола Попоски кој живее на Флорида, САД успеа да реставрира легендарен американски авион од Втората светска војна. Тој успеа да го оживее леталото познато како „скакулец“ од 1943, кое сега повторно лета. Овој авион е раритет во светското воздухопловство и малкумина летаат со него.
Никола, или Ник како што го викаат во Америка, на реставрацијата на „скакулецот“ работел цели осум години. За Никола и за овој негов потфат пишуваа американски весници. Детално се опишува процесот на реставрацијата на авионот и напорите на Попоски да обезбеди оригинален мотор, елиса, боја еднаква на оригиналот, за проблемите со изработката на крилата.
„Јас овој авион го најдов на Ибеј, расклопен и во многу лоша состојба. Крилата беа неупотребливи и градев нови според цртежи од оригиналот. Употребливи беа само металните делови. Мотор и елиса немаше, па морав да барам оригинални. Некои метални делови требаше да се прават по нарачка. На тој начин ги обезбедив ребрата за крилата како и самите крила, кои се од специјално дрво“, вели Попоски.
Тој вели дека во текот на реконструкцијата се среќавал со многу наизглед несовладливи проблеми, бидејќи станувало збор за летало кое е произведено во 1943 година за потребите на американската армија.
„Авионот е произведен во 1943 година за потребите на армијата на САД. Постои историски документ во американскиата воена архива на која воена единица ѝ бил доделен. По Втората светска војна овој авион бил продаден во еден воен отпад. Сменил неколку сопственици, а последен пат во летна состојба бил во 1959. Повторно бил купен од некои вљубеници во воздухопловството, но никој не успеал да го реставрира, сѐ до момент додека јас не го купив во 2002“, вели Попоски.
„Скакулецот“ во Втората светска војна одиграл голема улога. Американците го користеле за кoрекција на артилериските системи при оган врз непријателските ровови, за превоз на ранети, за пренесување ВИП личности – офицери со највисоки чинови.
„Скакулецот“ што го реставрира Попоски досега сменил тројца сопственици. Сите сакале да го имаат и да летаат со него. Последниот сопственик живее во таканаречениот Ер парк во северна Флорида. Тоа е приватен аеродром на кој пилотите живеат со своите авиони.
Од лани, Попоски работи за познатите компании за производство на авиони „Цесна“, „Бел“ и „Бичкрафт“, задолженин за Источна и Централна Африка. Пред тоа, дваесет години бил сопственик на авиомеханичарска работилница, специјализирана за воздухопловна техника. Поседува највисока дозвола за механичар, издадена од ФАА и професионална пилотска дозвола.
Д. ЧУБРИЌ