БИТОЛСКИТЕ СУДИИ СО СВОИ РАЦЕ ЈА ИЗГРАДИЈА ПЛАНИНСКАТА КУЌА ВО БРАНЕНИЦА, СЕГА НЕМА МЛАДИ ДА ЈА ОДРЖУВААТ

    БИТОЛСКИТЕ СУДИИ СО СВОИ РАЦЕ ЈА ИЗГРАДИЈА ПЛАНИНСКАТА КУЌА ВО БРАНЕНИЦА, СЕГА НЕМА МЛАДИ ДА ЈА ОДРЖУВААТПланинската куќа во месноста Бараненица е на два часа пешачење од патот Битола-Ресен. (Фото: СДК.МК)

    Копанки не беше единствениот планинарски дом што битолчани го градеа носејќи градежни материјали пеш низ планинските патеки. На рака материјали носеле и група битолски судии и други планинари за да ја направат планинската куќа во месноста Бараненица. Се наоѓа на битолските околни ридови, оддалечена на два часа пешачење од патот Битола-Ресен, низ планинска патека која во најголем дел минува низ зимзелена шума, па изобилува со убави глетки и чист воздух. Предност е тоа што на појдовното место може да се стигне без автомобил.

    Местото каде што денес е планинската куќа е откритие на полицискиот командир, денес покоен Манасие Џиниќ, а ја подигна заедно со група битолски судии Иван Стојановиќ, Петре Србиновски – претседател на Аплационен суд, Ѓорѓи Христов и Љубе Стојановски. (Фото: Приватна архива)

    Местото каде што денес е планинската куќа е откритие на полицискиот командир, денес покоен Манасие Џиниќ, а ја подигна заедно со група битолски судии Иван Стојановиќ, Петре Србиновски – претседател на Аплационен суд, Ѓорѓи Христов и Љубе Стојановски.

    „Местото им беше издишка од секојдневните работни активности. Судиите почнаа да го посетуваат во 2001, а јас им се приклучив една година подоцна. Се градеше, што би се рекло, штичка по штичка. Секој викенд бевме таму и доправавме. Прво масичка, солчиња, па се покри. Секој носеше што можеше. Во судот се правеше реконструкција и од старата дограма некое парче се однесе горе и се направи просторијата. Митале Кобил, вљубеник во планината, ни пушти еден камион со дрва, штици, лимови што ги имаше од работа зашто со тоа се занимаваше и направивме две простории. Кај мене на работа во ‘Јафа’ доаѓаше роба, па од амбалажата штичињата ги извадив и со Кире Догармаџијата направивме лајсни за да оградиме. Жители од Братиндол ни донесоа дрва за огрев. Илија Белџигеровски ни даде расходовани столици, па ги тапациравме. Се носеше на рака и со многу голема љубов“, кажува планинарот Борче Буџаковски-Јафата, прекар што го добил зашто работел во фирма за овошје и зеленчук.

    Правеле ручеци во природа, а трошоците подеднакво ги делеле, а ќе речеле „ајде уште плус сто денари од секој цименто да купиме“. (Фото: Приватна архива)

    Планинарите не оформиле здружение и не му дале име, поучени од други искуства дека формирани друштва подоцна се распаѓаат. Велат, се дружеле без материјална корист. Правеле ручеци во природа, а трошоците подеднакво ги делеле, а ќе речеле „ајде уште плус сто денари од секој цименто да купиме“.

    Таму го славеле и 81. роденден на иницијаторот Манасие Џиниќ. (Фото: Приватна архива)

    „Најголемите другарства ги сретнав на планина. Се збиравме околу 25 битолчани, доаѓаа и жените. Друштвата се префрлија и во градот, па си одевеме на слави, имендени, свадби, па и на погреби“, вели Буџаковски.

    Петнаесет години планинареле до Браненица секој викенд. Таму правеле вкусни чорби од коприви, редовно вртеле мазаник со пари за Василица, други јадења, па дури и пифтии.

    Успеале да спасат и мече кое ја загубило мајка си. (Фото: Приватна архива)

    „Таму имаме чекано Коледе, еден огромен снег, еден огромен оган. Останавме таму цела вечер во објектот. И пивтија имавме направено. Утрото кога дојдоа неколку планинари и чорба му дадовме. Тоа беа незаборавни денови“, се присетува битолчанецот Јафата.

    На патот до Барненица сретнувале диви свињи, зајаци, срни, па и мечиња. Успеале да спасат и мече кое ја загубило мајка си.

    „Одевме четврорица, двајца побрзи беа и на крстосицата за Снегово се јавија на телефон, велат ‘бегајте две мечиња од горе трчат, мечката да нѐ не нападни’. Мечињата пиштеа, едното избега, а на другото му дадовме лепче. Многу цивкаше вечерта кога заминувавме, претпоставивме дека мечката е умрена или отепана, ни падна грев. Се обративме до ‘Анима мунди“ ни рекоа да го земиме, го качивме во џип и им го однесовме. Се консултураа со зоолог, па тој стапи во контакт со доктор Јовица Угриновски, му го однесоа и мечето се спаси“, раскажуваат планинарите.

    За жал, последните години дел од планинарите починаа, а и другите остареа. Не се најде друштво да ја продолжи традицијата. Сега местото не го одржува никој.

    Останати од нивно време се обележените пешачки патеки и куќички за птици, дело на Ицо Стојановски. (Фото: СДК.МК)

    Домот остана од отворен тип, односно отклучен за секој добронамерник да може внатре да се засолни од невреме или да се одмори. Останати од нивно време се обележените пешачки патеки и куќички за птици, дело на Иван Стојановиќ. Апелираат до младите да пешачат, да не остават за зарастат планинските патеки.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира