Благодарен сум и среќен што го преживеав нападот, вели славниот ирански писател Салман Ружди во првото интервју по нападот на 12 август лани во Њујорк, кога на сцена за време на предавање беше прободен од еден маж. Денеска излезе неговиот нов роман „Градот на победата“ , а Ружди на Твитер ја објави првата фотографија после шест месеци.
Ружди (75 ) со години се соочуваше со смртни закани поради неговата книга „Сатански стихови“ од 1988, чија содржина некои муслимани ја сметаат за богохулна. Една од последиците од нападот е губење на видот на десното око. Во интервју за „Њујоркер“, писателот вели дека му е драго што луѓето му дале толку голема поддршка.
„Немав поим дека луѓето ќе реагираат вака на обидот за убиство врз мене. Јас сум навистина среќен човек и многу сум благодарен за сѐ. Овие големи повреди се излечија, почнувам да ги чувствувам палецот и показалецот и долниот дел од раката. Напорно работам на терапија за мојата рака и ми рекоа дека ми е подобро. Тука е само овој проблем со посттрауматскиот стрес. Многу ми е тешко да работам и да пишувам поради тоа. Седнувам и почнувам да пишувам, но ништо не се случува. Пишувам, но сѐ што пишувам е празно или лошо. Пишувам и го бришам тоа следниот ден. Сè уште не сум го решил тој проблем“, вели тој.
За новиот роман, кој го напишал пред нападот, вели дека е епска приказна за жена од 14. век која му пркоси на патријархалниот свет. Книгата е всушност превод на историски еп првично напишан на санскрит јазикот. Поради здравствената состојба, Ружди нема да го промовира својот 15. роман. Во интервјуто додава дека се надева оти читателите ќе бидат привлечени кон книгата според нивните интереси, а не само поради она што тој го преживеал.
Нападот во Њујорк го изврши 24-годишниот Хади Матар, Американец со либанско потекло, кој е обвинет за обид за убиство и е во притвор. Матар се изјасни за невин по обвиненијата за обид за убиство и напад за, како што го нарече обвинителот, „однапред планирано“ кривично дело. Во интервју од затворот за „Њујорк пост“, Матар рече дека не го сакал Ружди и го величал Хомеини. Иран негираше вмешност во нападот.