„БОЖИЌНАТА КУЌА“ ВО АВСТРИЈА ПОСТАВИ СВЕТСКИ РЕКОРД СО 901.485 СВЕТИЛКИ

„БОЖИЌНАТА КУЌА“ ВО АВСТРИЈА ПОСТАВИ СВЕТСКИ РЕКОРД СО 901.485 СВЕТИЛКИПретходниот рекорд изнесуваше 745.994 светилки, а го постави едно семејство од Њујорк во 2025 година. (Фото: ДПА)

„Божиќната куќа“ во градот Бад Тацмансдорф, во југоисточна Австрија, постави нов светски рекорд со 901.485 светкави божиќни светилки, објави денеска Институтот за рекорди на Германија. Според Институтот, куќата убедливо го надмина претходниот рекорд за „најголем број светилки употребени во надворешна божиќна декорација на приватен имот“. Претходниот рекорд изнесуваше 745.994 светилки, а го постави едно семејство од Њујорк во 2025 година.

„Го пренесовме рекордот од САД во Европа“, изјави Сабине Голнхубер, 59-годишна жена и нејзиниот 71-годишен сопруг, Џералд, кои со години го украсуваат својот имот со светилки и ликови од светот на Волт Дизни.

Таа вели дека нејзиниот ентузијазам потекнува од детството и младоста, кога со семејството го посетила Дизниленд. Откако стапиле во брак, таа пред својот сопруг поставила избор: „Или приклучи ми се, или исели се“. Сега, двојката поминува осум месеци во годината работејќи на својата божиќна декорација. „Четири месеци за поставување на сè и четири месеци за расклопување“, вели Сабине Голнхубер. Светилките и фигурите се сместени во транспортен контејнер, во посебен простор за складирање, како и во речиси секое достапно катче од нивната куќа.

Како дополнителна награда, двојката доби сертификат и за уште еден рекорд. Според Институтот, 206-те фигури на надувување поставени низ имотот, чија висина се движи од 1,5 до 9 метри, претставуваат европски рекорд.

Се проценува дека секоја сезона божиќната декорација ја посетуваат меѓу 30.000 и 40.000 луѓе. Влезот е бесплатен, но посетителите се охрабруваат да донираат средства за помош на луѓе во неволја. Досега се собрани приближно 400.000 евра. Сметката за електрична енергија не е особено висока, благодарение на фотоволтаичниот соларен систем и големите батериски системи за складирање енергија.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира