На кој народ му припаѓале првите сниматели на Балканот, браќата Манаки, е едно од прашањата на кое одговор се обидува да даде документарниот филм „Манаки-приказна во слики“, на Роберт Јанкулоски. Филмот кој беше прикажан на синоеќшното затворање на 40. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ носи заклучок дека тие со своето творештво се дел од повеќе култури и истории, но нивниот дом е Битола.
Во филмот се вели дека Грците ги сметаат за свои зашто биле од селото Авдела кое денес е во рамки на Грција. Но, исто така се посочува податок дека грчките андардски чети им го запалиле селото кога изгорела и куќата на нивното семејство , а во тоа време Јанаки бил многу гласен во печатот против таквиот чин.
Понатаму, се посочува дека се дел е и од албанската култура зашто го снимиле Албанскиот конгрес, па и од српската зашто биле дворски фотографи на кралот Александар Први Караѓоргевиќ.
Се вели дека тие се дел и на бугарската култура зашто имале направено фотографии за време на бугарската окупација во Битола, а Јанаки создал и многу фотографии додека бил во тригодишна интернација во Пловдив.
Браќата се дел и од романската култура иако не биле Романци. Биле наклонети кон романската држава и имале голема поддршка токму од неа. Првата тутула дворски фотографи ја добиле токму од романскит крал Карол 1 и имале големата изложба во Букурешт 1906.
Тие во голем дел припаѓаат и на турската култура и историја, можеби најмногу, зашто биле родени и својата младост ја поминале во Отоманската империја. Во тоа време започнале да се занимаваат со фотографија. Тоа е најзначајниот период за нивното творештво. Ги фотографирале настаните поврзани со Младотурската револуција, а го снимиле и своето филмско ремек дело во 1911, доаѓањето на султанот Решад во Битола од кого биле прогласени за дворски фотографи истата година.
„Сепак, нивен дом преставува Битола. Најголем дел од фотографските и филмските материјали се снимени токму во Битола и околните места. Оригиналните материјали се чуваат во Кинотеката и во Државниот архив. Неоспорно е дека тие се претставници на македонската култура и македонската историја. Во нивните фотографии се отсликува животот на македонскиот народ“, се вели во филмот.
На крај се носи заклучокот дека Јанаки и Милтон Манаки му припаѓаат на Балканот и се Балканци во најпозитивната мисла на зборот.
Нивните фотографии кои се прикажани во филмот ги воодушевија битолчани на синоќешната проекција. Прво поради сликите кои покажуваат колку многу значајно место била некогаш Битола и второ, поради мајсторските фотографии на Манакиеви. Специјалност им се масовните групни фотографии и портретните. Масовните фотографии изобилуваат со голем ракурс и голема длабока острина иако на некои има и по неколку стотини луѓе, лицата им се гледаат јасно. Битолските фотографи велат дека и со денешната техника тоа тешко можат да го постигнат.
Ж. ЗДРАВКОВСКА