БУБРЕЖНАТА БОЛЕСТ ДО 2040 ЌЕ СТАНЕ ПЕТТА БОЛЕСТ КАКО ПРИЧИНА ЗА СМРТНОСТ – ДЕНЕС СЕ ОДБЕЛЕЖУВА СВЕТСКИОТ ДЕН НА БУБРЕГОТ

    БУБРЕЖНАТА БОЛЕСТ ДО 2040 ЌЕ СТАНЕ ПЕТТА БОЛЕСТ КАКО ПРИЧИНА ЗА СМРТНОСТ – ДЕНЕС СЕ ОДБЕЛЕЖУВА СВЕТСКИОТ ДЕН НА БУБРЕГОТМакедонија е дел од светската кампања од 2007, која пак годинава е посветена на важноста на превенцијата на бубрежните заболувања и гласи „Од превенција до детекција и правичен пристап до неа“.

    Најмалку еднаш годишно треба да се проверува функцијата на бубрезите преку едноставни тестови на крвта и урината (мерење на вредностите на уреа и креатинин), апелираат од Здруженијата Нефрон и Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи МЗНДТВ во чест на 12 март – Светскиот ден на бубрегот.

    Бубрежните болести, како што вели Душко Ѓорѓиев, претседател на Нефрон, не можат да се превенираат и лечат доколку навремено не се откријат. Со редовна регулација на крвниот притисок и нивото на шеќер во крвта бубрезите ќе се одржуваат здрави, а исто така, се препорачува и здрав начин на живот со редовна физичка активност, пиење течности и јадење здрава храна, и одбегнување нефротоксични лекови, цигари и алкохол.

    Извор: Здружение Нефрон

     

    Светскиот ден на бубрегот се одбележува секоја година во вториот четврток во март, во повеќе од 200 земји низ светот. Македонија е дел од светската кампања од 2007, која пак годинава е посветена на важноста на превенцијата на бубрежните заболувања и гласи: „Од превенција до детекција и правичен пристап до неа“.

    • Бубрежните болести се незаразни болести кои во моментов погодуваат над 850 милиони луѓе ширум светот.
    • Еден од десет возрасни има некоја форма на хронично заболување на бубрезите.
      Во глобални рамки ХББ (хроничната бубрежна болест) секоја година расте и се предвидува дека во 2040 година ќе биде 5-та болест како причина за смртност на годишно ниво.
    • И во Македонија според статистиката 1 од 10 возрасни има некоја форма на бубрежно заболување. Во краен стадиум на болеста ХББ кога е неопходно да се примени бубрежно-заместителна тералија во март 2020 година со дијализа се лекуваат 1.600 пациенти во 23 центри за дијализа. Дијализните третмани во Македонија се редовни, навремени, бесплатни (на товар на ФЗОМ) и обезбедени за секој граѓанин.
    • Од 1977 па досега во центарот за трансплантација на бубрези се извршени 420 трансплантации, од нив 90 отсто се трансплантации од познат-жив дарител.

    „Најголем број од пациентите не можат да обезбедат соодветен донор од семејството и очекуваат здравствениот систем и здравствените власти во Македонија сериозно да пристапат и да се заложат за развој на кадаверичната трансплантација на органи преку развој и поттикнување на донирањето на органи после смртта. Неопходно е отпочнување на континуирана Национална кампања за органодарителство. ХББ е болест за која се трошат огромни средства од здравствените буџети. Трошоците за дијализа и трансплантација се надополнуваат со други трошоци за лекување на компликациите кои болеста ги предизвикува. Затоа е неопходно под итно да се воведат нови лекови и нови генерици за бубрежно болните лица ( на дијализа и трансплантирани ) терапија која е достапна во многу земји во регионот“, велат од Здружението.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари