Морничав звук на писок проследен со голем тресок ги запрепасти селаните во кениското село Мукуку попладнето ден пред новогодишната ноќ.
„Звучеше како бомба, бев шокиран. Почнав да гледам наоколу, се прашував дали се истрели“,рече Стивен Мангока, 75-годишен фармер од селото Мукуку во округот Макуени. „Го кренав погледот на небото за да видам дали има чад. Ништо „Побрзав на патот да проверам дали имало несреќа. Исто така, ништо. Тогаш некој ми кажа дека нешто паднало од небото“.
Всушност, масивен тркалезен метален предмет паднал одозгора и слетал на обработливо земјиште во близина на суво речно корито – и било жежок.
„Најдовме големо парче метал кое беше многу црвено, па моравме да почекаме да се олади пред некој да му пријде“, рече Ен Кануна, сопственичка на земјиштето каде што паднал предметот.
На џиновскиот прстен му требаа околу два часа да се олади и да посиви – но веќе стана сензација и луѓето доаѓаа да го видат. Толпи дојдоа да го видат џиновскиот метален прстен. Локалните власти во округот Макуени – кој се наоѓа на околу 115 километри југоисточно од главниот град Најроби – беа информирани.
Разбра и Кениската вселенска агенција (КСА) и следниот ден дојде да истражи. Обрачот тежи повеќе од 500 кила – приближно исто како и возрасен коњ – и има дијаметар од околу 2,5 метри. КСА соопшти дека нејзините прелиминарни проценки покажале оти објектот бил „одвоен прстен“ од вселенска ракета.
„Таквите објекти обично се дизајнирани да изгорат кога повторно влегуваат во атмосферата на Земјата или да паднат над ненаселени области, како што се океаните“, се вели во соопштението на КСА.
Никој не беше повреден кога падна, но некои во Мукуку почнаа да се жалат дека ударот од несреќата предизвикал штета на околните куќи. Тестовите спроведени подоцна од страна на Кениската нуклеарна регулаторна управа открија дека иако металниот прстен имал повисоки нивоа на радијација од областа во која е пронајден, тие не биле на ниво штетно за луѓето.
„Најверодостојниот објект што би можел да биде е прстенот за одвојување на горната фаза од ракетата Аријане во 2008“, рече директорот за лансирање од Вселенската агенција на Обединетото Кралство, Мет Арчер. „Сателитите се во ред, но вистинското тело на ракетата се проби и деорбитираше“.
Аријане беше главниот лансер на ракети во Европа, кој исфрли над 230 сателити во орбитата, пред да биде повлечен во 2023.Се чини дека одвојувачкиот прстен можеби кружел околу Земјата 16 години пред да неочекувано да падне во Мукуку.
Ова не е прв инцидент на вселенски отпад што се појавува во Источна Африка. Пред нешто повеќе од една и пол година, вселенски отпад падна над неколку села во западна Уганда. И пред неколку дена, на 8 јануари, имаше непотврдени извештаи за дека вселенски отпад гори на небото над северна Кенија и јужна Етиопија.