ДЕЦА И ВОЗРАСНИ СО ПОПРЕЧЕНОСТ УЖИВАА ВО СКИЈАЊЕТО НА МАВРОВО

    ДЕЦА И ВОЗРАСНИ СО ПОПРЕЧЕНОСТ УЖИВАА ВО СКИЈАЊЕТО НА МАВРОВО„Скијањето со помош на адаптивна опрема е практика во развиените земји, а сега е достапна и кај нас“, вели Вангел Тркаљанов од Здружението за адаптивни спортови и рекреација „Рекреакција“. (Фото: Ј. Стефанов)

    Шест лица со интелектуална и физичка попреченост, на возраст од 8 до 28 години учествуваа на зимскиот камп во Маврово, кој се одржува од 25 јануари до денес. Зимскиот камп за лица со интелектуална и физичка попреченост го организира Здружението за адаптивни спортови и рекреација „Рекреакција“ со поддршка на Ресорт Маврово,  а се учеа и вежбаа техники за скијање во сит-ски за лица со параплегија, квадриплегија и церебрална парализа и скијање во стоечка положба за лица со останати попречености.

    „Скијањето со помош на адаптивна опрема е практика во развиените земји, а сега е достапна и кај нас. Оваа адаптивна опрема дозволува лицата со попреченост да уживаат во снежните спортови, но и да се подготвуваат за спортски резултати“, вели претседателот на Здружението Вангел Тркаљанов.

    Со учесниците на кампот работеле петмина инструктори од Македонија, кои лани се обучуваа за скијање со помош на инструктори од Велс. (Фото: Ј. Стефанов )

    Тркаљанов ни рече дека на кампот учествувале три деца и тројца возрасни, од кои двајца учеле сит-ски, а останатите скијање со стандaрдна опрема. Сите биле презадоволни, вели тој. Со нив работеле петмина инструктори од Македонија, кои лани се обучуваа за скијање со помош на инструктори од Велс.

    „Учесниците на кампот беа презадоволни“, вели Тркаљанов. (Фото: Ј. Стефанов)

    Обуката се организира во рамки на проектот „Спорт за сите“, како дел од Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (РеЛОаД), финансирана од Европската Унија, а спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации. Во проектот како ко-финансиер со свои средства учествува и Општина Ресен.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари