ДИЈАЛЕКТИТЕ СЕ СВЕЖИ ВРУТОЦИ НА ЛИТЕРАТУРНИОТ ЈАЗИК, ВЕЛИ ТЕТОВСКИОТ ПИСАТЕЛ ЈОВАН ДАМЈАНОВСКИ КОЈ ОДБЕЛЕЖА ПОЛА ВЕК ТВОРЕШТВО

    ДИЈАЛЕКТИТЕ СЕ СВЕЖИ ВРУТОЦИ НА ЛИТЕРАТУРНИОТ ЈАЗИК, ВЕЛИ ТЕТОВСКИОТ ПИСАТЕЛ ЈОВАН ДАМЈАНОВСКИ КОЈ ОДБЕЛЕЖА ПОЛА ВЕК ТВОРЕШТВО„Јас пишував дела и на дијалект. Сметам дека дијалектите се свежи врутоци на литературниот јазик, но не се само за препознавање во минатото, туку се и за препознавање во иднината“, кажа Дамјановски. (Фото: СДК.МК)

    Со напишани 18 романи, 2 книги раскази, книга драми од кои 7 се играни на сцена, Јован Дамјановски спаѓа во редот на најплодните и најзначајните тетовски, но и македонски писатели. Деновиве, Дамјановски одбележа 50 години од литературното творештво и во чест на јубилејот, во Тетово се одржа книжевна вечер посветена на неговото творештво.

    „Педесет години за еден автор може да бидат и долго, но и кратко време. Да се надеваме дека ќе има уште време за пишување, дека ќе има време да се доискажам зошто никогаш во животот потрагата по животот не завршува, секогаш доаѓа до нова потрага, до нова трага во потрагата по животните околности. Во својата литература го користев книжевниот феномен да се направи допир со стварноста, допир со вистината во животот, зошто така се препознаваме и како луѓе. Јас многу го користев Карл Густав Јунг, таткото на аналитичката психологија. Тој зборуваше дека во човечкиот живот, луѓето се однесуваат како маски, како оние кои ги користевме во времето на короната, зошто сакаат да бидат видени така како што сакаат да бидат видени, а не како што вистински сè. Во човечкиот живот, како што рекол Толстој, не постои само лош или само добар човек. Затоа во моите книжевни дела се обидував да покажам дека луѓето се такви во какви околности ќе се најдат“, вели Дамјановски

    Дамјановски детството и младоста ги минува во стариот дел на Тетово, па тетовскиот дијалект, на кој се зборувало во тоа време, а кој и денес може да се слушне, остава трага и во неговото творештво.

    „Мие малите луѓе смо големи чуеци“, „Картон сити“, „Госпоѓица Ика“ се дела кои својата убавина, меѓу другото, ја имаат токму поради специфичниот тетовски говор. Дамјановски вели дека не треба да се срамиме од дијалектот, напротив, треба да го негуваме бидејќи тој е дел од нашето битие.

    Одбележувањето на јубилејот беше во организација на Литературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“ од Тетово. (Фото: СДК.МК)

    „Јас пишував дела и на дијалект. Сметам дека дијалектите се свежи врутоци на литературниот јазик, но не се само за препознавање во минатото, туку се и за препознавање во иднината. Напишав три дела на тетовски дијалект и мислам дека тие се препознавање не само за мене туку и за Тетово, зошто се обидувам во моите дела да користам и прототипови од животот, да ги следам луѓето, и добрите и лошите подеднакво. Во мојата литература се служев со една алатка која што се вика Словенска антитеза. Тоа е алатка за пишување на литературни дела, но е и начин подлабоко да се запознае менталната хигиена на нашиот човек, кој што е во ова брзо, тешко, драматично, одминливо, неодминливо, но секогаш завршено време, а ние треба да реагираме како луѓе и да се препознаваме како луѓе во животот“, вели Дамјановски.

    На одбележувањето на творечкиот јубилеј на Дамјановски, тетовските глумци изведоа делови од неговите драми, како видеозаписи од разговори снимени со авторот. Во анализата на делата на Јован Дамјановски, универзитетската професорка д-р Марина Даниловска на свеченоста кажа: „Јован Дамјановски во неговите книжевни рожби, преку психолошки, емотивни и драмски заплети, го анализира етичкиот и моралниот лик на современиот човек и ни раскажува за човечката судбина. Во овие дела пулсира македонското срце, се следи внатрешниот глас и се внурнува во колективното несвесно. Во неговите досега објавени 18 романи, голем број раскази и новели како и во драмите, не завршуваат одговорите на безброј прашања и дефиниции за животот“.

    Одбележувањето на јубилејот беше во организација на Литературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“ од Тетово, а на свеченоста настапи тетовското трио „Шербет“ кое исполни неколку тетовски песни меѓу кои и „Тетово граду мој роден“ за која стиховите ги напиша Јован Дамјановски, а музиката тетовецот Андро Апостоловски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира