ДИВОГРАДБИТЕ И КОРУМПИРАНАТА ВЛАСТ, А НЕ ГОСПОД СЕ ВИНОВНИ ЗА ПОЖАРОТ СО 88 ЖРТВИ ВО ГРЦИЈА

    ДИВОГРАДБИТЕ И КОРУМПИРАНАТА ВЛАСТ, А НЕ ГОСПОД СЕ ВИНОВНИ ЗА ПОЖАРОТ СО 88 ЖРТВИ ВО ГРЦИЈАЗа разлика од другите земји во ЕУ, во Грција може да се расчисти малку земјиште или да се исече дел од шума, да се стават темели за зграда, да се поврзат комуналии со поткуп на локалните службеници, а потоа да се почека амнестија за дивоградби, што вообичаено се случува периодично, обично пред избори; - од пожарот во Атика (Фото: Индипендент)

    Премиерот Алексис Ципрас изјави дека тој и неговата влада ја презема политичката одговорност за пожарот во Атика што уби 88 луѓе, вети дека владата ќе подготви национален план за да ги поправи децениските кршења на законите за градба и ја повика опозицијата да учествува во тоа. Тој најави и дека ако треба ќе се уриваат дивоградби и со булдожери.

    И покрај тоа што некои министри рекоа оти пожарот најверојатно е подметнат, истрагата сугерира дека причината е небрежност. Според истрагата во Дау Пендели, каде започнал шумскиот пожар, тоа се случило оти жител, чиј идентитет е познат на властите, запалил дрва и гранки. Осомничениот се обидел да ги прикрие доказите за пожарот со покривање на површината што ја запалил со камења и користејќи големи количества вода за да ги измие остатоците од дрвото и гранките.

    Но, како што пишува професорот Јоанис Глинавос во британскиот весник „Индипендент“, главната причина за трагедијата е дивоградењето со коруптивна спрега, кое со децении се толерирало од сите власти.

    Амнестијата, вели секоја нова власт, ги легализира постојните ситуации кои државата со години ги толерирала. Без оглед на фактот дека многу од овие згради не се фавели, туку вили со базени; – од пожарот во Атика (Фото: Индипендент)

    За разлика од другите земји во ЕУ, во Грција, вели тој, може да се расчисти малку земјиште или да се исече дел од шума, да се стават темели за зграда, да се поврзат комуналии со поткуп на локалните службеници, а потоа да се почека амнестија за дивоградби, што вообичаено се случува периодично, обично пред избори. Последната  легализација беше фалена како начин за собирање приходи, без оглед на последиците во други области, како што се еколошко управување и заштита од пожари. И така претприемачите го користат пожарот во шумата за да отстранат бариери и за да можат да градат куќи, без грижа за прописите, во непристапни области, на земјиште што често не го поседуваат. Шумата гори, луѓето умираат, градежниците градат, а гласовите се добиваат.

    „Врз која основа политичката класа може да го оправда толерирањето на ваквата незаконитост? Вообичаените изговори се дека дивоградбите се семејни куќи изградени од сиромашните што живеат во предградијата – неизбежна последица на старите урбанистички планови, па така тоа е вина на државата (нормално, на претходните влади). Амнестијата, вели секоја нова власт, ги легализира постојните ситуации кои државата со години ги толерирала. Без оглед на фактот дека многу од овие згради не се фавели, туку вили со базени“, вели Глинавос .

    „Без оглед на искрата што го предизвика пожарот, изворот на ужасната трагедија на Грција и многу други слични на неа, не е чин на Бога. Тоа е резултат на нечесна политичка класа која купува гласови, на градители што заработуваат, на рацете што се подмачкани со мито. Тоа е институционализирана трагедија, онаа што ја поврзува грабливата држава со соучесничка популација“, вели Глинавос и повикува дека е време Грците да се погледнат во огледало и ова да престане:

    „Грчката држава ја толерира, одобрува и наградува незаконитоста што ги повторува овие катастрофи. Грчкото општество гледаше со незаинтересираност. Време е да запре“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира