„Дојран ми ја донесе третата младост, оти две веќе потрошив. Уживам овде, навистина“, вели Игор Џамбазов кој веќе неколку години себеси се нарекува дојранчанец со привремена работа во Скопје.
Мирниот живот крај езеро му годи на актерот. Во завршна фаза е изградбата на неговата куќа над центарот на Дојран, со поглед на езеро. Вели дека неговата сестра, Татјана Џамбазова која е архитектка заедно со нејзината колешка ја проектирала куќата. Во моментов, со кучката Ферхунде која ја вдоми минатата година и ѝ даде име по лик од популарна турска серија живее во друга куќа во Дојран. Во Скопје доаѓа кога има претстави и проби, и вели дека на две години пред пензија ја има истата возбуда како на почетокот, пред претставата „12“, која е најголемиот хит на Македонскито народен театар (МНТ) сезонава.
„Дојран конечно ми го донесе мирот кој толку многу го посакував. Веќе се сметам за половина дојранчанец. И да, со текот на времето низ овие 6 години навистина стекнав дневна рутина. Јас станувам рано. Многу рано. Помеѓу 4 и 5 часот наутро, па ја имам таа привилегија да го гледам Дојран во најубаво издание. Езерото, Беласица, мир, само песната на птиците и по некоја неталентирана жаба. Околу 7 часот со Ферхунде одиме на шетање, на самата граница со Грција или во кучешкиот парк во Стар Дојран. Потоа следува чорбата во ‘Фуктак’, пазарување за дома и назад. Куќата во која сега престојувам има преубав двор и во него го поминуваме најголемиот дел од слободното време. Вечерта е резервирана за пријателите, одам на гости или ги пречекувам. Дружбата е до кај 11, и паѓам во кома до следното утро во 4. Нам, на пензионерите, сосема ни се доволни 5 часа сон. (се смее) А, во Скопје одам само кога морам. Претстава во театарот, снимање или концерт и веднаш си бегам назад. За жал одамна не го чувствувам својот роден град за свој“, ни рече Џамбазов.
Изградбата на куќата му е во завршна фаза. Се работи на подот, оградата, уредување на дворот и како што вели актерот, има уште многу малку и едвај го чека вселувањето.
„За архитекти немав проблем бидејќи сестра ми Тања е архитект, како и нејзината најдобра другарка, исто така Тања. Го направија проектот и сето тоа го организираа беспрекорно. Малку нѐ закочи короната, па смртта на маестро Џамбаз, па моите љубовни неприлики. Сепак, набргу очекувам вселување. Инаку куќата се наоѓа на многу атрактивна локација во центарот на Стар Дојран, со единствен поглед од терасата“, вели Џамбазов и додава дека грижата за кучката Ферхунде многу му го сменило животот.
„Таа ми се појави во вистинско време, токму тогаш кога останав сам. Не е баш пријатно да се биде сам. Ферхунде ја пополни таа празнина. Ниту еден хомо-сапиенс не тагува по мене толку, и не ми се радува на таков начин како мојата Дунде (така си ја викам нагалено). Таа е прекрасен примерок на нововостановената раса Дојрански вучјак“, низ смеење ни рече Џамбазов.
Иако живее многу блиску до грчката граница, тој никогаш нема потреба да отиде на кафе со Солун, или на некоја од блиските плажи. На локалните пријатели со кои секое утро пие кафе на истата маса во истиот локал знае да им порача домати и друг зеленчук или овошје од пазарот во Кукуш, кога е пазарен ден.
„Во последните 50 години сум бил само еднаш, и тоа службено, така што воопшто и немало прилика да ми се случи нешто непријатно. Едноставно, не се чувствувам комотно таму. И не се плашам од Грците, туку од себе. Се плашам да не бидам испровоциран на кој било начин. Познавајќи се себеси, во тој случај не би одговарал за своите постапки“, ни рече Џамбазов.
Во принцип, тој вели дека мрази патувања надвор од Македонија, зашто како помлад многу патувал. Минатата година, по долго време тој беше во Канада, каде што со гитаристот Игор Атанасовски- Харе одржа концерт за македонските иселеници.
„Авантурата со Харе во Канада беше едно прекрасно искуство. И трауматично истовремено. Авиони, аеродроми, царини, визи, нервози. Но ете, се случи. На есен ќе имам неколку концерти со Пере и неговиот ‘Нокаут’ во Германија, а пролетта 2026, ако сѐ биде во ред, во план се седум концерти со Харе низ Канада и Америка“, вели Џамбазов.
За претставата “12” во режија на Синиша Ефтимов во која игра со 11 негови познати колеги вели дека е чудо од претстава од повеќе аспекти, а меѓу актерите меѓусебно нема ѕвезди.
„Тоа е едно врвно театарско остварување, кое стана магнет за публиката. Веќе има луѓе кои ја гледале повеќепати. Еднаш од партерот, еднаш од столчињата кои се наоѓаат на самата сцена. И секој пат е различно. И забавно. И за нас, и за публиката. А што се однесува до статусот ‘ѕвезди’, тие во претставата фактички и не постојат. Суетите ги закопавме длабоко уште за време на пробите. ‘12’ е најтимската претстава во која сум играл. И еве, на само две години пред пензија, повторно ми се случува, како во младоста, едвај да чекам да почне претставата. Со иста возбуда и благопријатна трема како пред 40 години“.
За неговиот матичен театар МНТ вели дека моментално се работи како никогаш досега.
„Се направија уште неколку многу квалитетни претстави, публиката на голема врата се враќа во театарот. Сега сме концентрирани на подготовките за прославата ‘80 години МНТ’ која треба да се одржи на почетокот на ноември, и ќе биде вистински театарски спектакл. И едвај чекам“, вели актерот.
Како креативен човек полн со интересни идеи, за следниот период вели дека има сешто на повидок. Многу нови песни за него и за други пејачи, две нови книги кои чекаат промоција, неколку филмови.
„Некои веќе ги снимив, некои во моментов се во почетна фаза. Имам понуди за настапи и гостувања еден куп. Сепак, најсреќен сум кога сум во мојот златен Дојран, и кога не работам апсолутно ништо. Само да гледам во езерото, да се будам со сонцето и да дишам од ветерот“, вели Џамбазов.
М. ЏАРОВСКА