ДОКТОРИ И ДИЗАЈНЕРИ НАПРАВИЈА МАСКИ СО 3-Д ПРИНТЕРИ И БЕСПЛАТНО ЌЕ ГИ ДАДАТ НА БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“

    ДОКТОРИ И ДИЗАЈНЕРИ НАПРАВИЈА МАСКИ СО 3-Д ПРИНТЕРИ И БЕСПЛАТНО ЌЕ ГИ ДАДАТ НА БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“Иницијативата е на д-р Александар Каревски, кој вели дека идејата се разви во Чешка по ширењето на коронавирусот и дека ја основал групата, по што веднаш се собрале околу 250 ентузијасти да помогнат. (Фото: Фејсбук)

    По иницијатива на ортопедскиот хирург д-р Александар Каревски од Градската општа болница „8 Септември“, на Фесјбук се формираше група од околу 250 доктори, дизајнери, графички дизајнери и сопственици на 3-Д принтери, кои  почнаа да изработуваат заштитни маски со визири за медицинските работници испечатени на 3-Д принтери.

    Д-р Каревски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека идејата се разви во Чешка по ширењето на коронавирусот и дека ја основал групата, по што веднаш се собрале сите ентузијасти да помогнат. Се приклучиле и компјутерски компании со донации на повеќе средства, како 3-Д филаменти, што претставува пластика на која се печатат маските. Заедно стигнале до дизајн кој е лесен за употреба и 3-Д принтање и кој исто така како производ ги задоволува стандардите на медицинските употреби, а материјалот е соодветен да издржи и стерилизација пред употреба.

    Тој вели дека една маска се изработува еден ден, а вкупната бројка на изработени ќе се знае утре напладне, кога примероците ќе бидат доставени во Градската општа болница „8 Септември“ . Таму ќе бидат стерилизирани за да можат да се распоредат онаму каде што се неопходни, на оние кои се први изложени на удар од можна зараза.

    Д-р Каревски вели дека една маска се изработува еден ден, а вкупната бројка на изработени ќе се знае утре напладне, кога примероците ќе бидат доставени во Градската општа болница „8 Септември“. (Фото: Фејсбук)

    Министерот за здравство Венко Филипче минатата недела кажа дека е направен план и Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје да почне да прима пациенти кои ќе бидат сомнителни и позитивни на коронавирус. Ќе се подготват повеќе делови, како делови за изолација во делот на тријажата, една посебна операциона сала и една ангиографска сала, и целосно посебен оддел кој има 22 кревета и 2 респираторни машини.

    Екипата волонтери продолжува со работа на маските за да се снабдат сите медицински установи низ земјава, паралелно развивајќи модели на разни конектори и елементи за медицинска опрема која може да стане дефицитарна.

    „Ги замолуваме сите кои сакаат да помогнат во донација на материјали, финансиски донации или пак кои имаат идеја како најбрзо да се снабдат медицинските работници со заштитни маски да се приклучат на иницијативата на фејсбук групата, за што побрзо маските да се дистрибуираат до засегнатите клиники“, велат тие.

    Д-р Каревски го дизајнираше  и инструментариумот за вештачкото рамо изработен со 3-Д принт технологија, кое за првпат беше вградено кај 70-годишна пациентка во јули 2019 во „8 Септември“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира