Најголемиот тренд во уредувањето на домот оваа есен е „допамински декор“ – акцент на среќата, самоизразувањето, бојата и креативноста. Дали портокалот ве насмевнува? Обојте ја кујната во среќна нијанса. Сакате различни стилови? Измешајте.
Модната писателка Даун Карен го спомна допаминот, мозочната хемикалија за добро чувство, во нејзината книга „Облечете го вашиот најдобар живот“, велејќи дека „допаминското облекување“ – носењето облека во свој, индивидуален стил – дава позитивни чувства.
Декораторите и инфлуенсерите велат дека истото се случува кога ќе ги исфрлиме старите правила за декор и ќе влеземе во простор украсен со личен печат – поопуштени сме и покреативни.
Луѓето се прашуваат кои бои и дезени навистина ги сакаат, „и потоа ги внесуваат тие карактеристики во нивните простори – дури и ако тоа е спротивно на конвенционалните совети за декор или она што можеби го виделе на Интернет пред 10 години“, вели дизајнерот Лорен Филипс.
Трендот за правење на собите поудобни, функционални и лични се засили за време на пандемијата, кога многу луѓе беа подолго дома, а продолжува да расте, вели Филипс.
„За мене, тоа значи дека луѓето го дефинираат својот сопствен стил и навистина навлегуваат во коренот на дизајните што ги сакаат, дури и ако тоа е малку поживописно, кич или фанки“, вели Филипс.
Има многу инспирација на Интернет.
„Ако пред 15 години сите сакавме кујна совршена за сликање каква што ја гледавме на Интернет, денес станува збор за правење тренд или прекрасен ентериер од она што го гледате на ТикТок или Инстаграм со издвојување на деталите што ги сакате“, вели Филипс.
Младата генерација, особено оние кои сега го купуваат својот прв стан или куќа, е со поголема веројатност да меша стилови заради личен печат.
Дизајнерката Алисон Пикарт кажува за нови идеи при организирање на просторот во домот. Таа претворила еден огромен плакар во мала „телефонска соба“ за себе.
„Имаше совршена големина како место за бегство, со одредена приватност за да може се јавите на телефон“, вели таа.
Можеби тоа е новото правило за декор: Создадете свое „совршено бегство“.