ЕВРОВИЗИСКИ ТЕЛ АВИВ Е ШАМПИОН ВО ИЗНАЈМУВАЊЕ ЕЛЕКТРИЧНИ СКУТЕРИ, ГИ ВОЗАТ 50.000 ЛУЃЕ

    ЕВРОВИЗИСКИ ТЕЛ АВИВ Е ШАМПИОН ВО ИЗНАЈМУВАЊЕ ЕЛЕКТРИЧНИ СКУТЕРИ, ГИ ВОЗАТ 50.000 ЛУЃЕВо Тел Авив тротинети изнајмуваат луѓе од сите можни профили: млади мајки, адвокати, тинејџери, туристи (Фото: И. Трајковски)

    (Специјално од Тел Авив: Игор ТРАЈКОВСКИ)

    Електричните тротинети (скутери) се главно алтернативно средство за транспорт низ Тел Авив. Во градот кој годинава е домаќин на изборот за песна на Евровизија, во моментов има три старт-ап фирми кои се занимаваат со издавање тротинети, а бројот на корисници секојдневно се зголемува. Според некои проценки, бројот веќе надминува 50.000, а корисници се луѓе од сите можни профили: млади мајки, адвокати, тинејџери, туристи. Тротинетите тежат околу 12 кг и се движат со максимална брзина од 25 км/ч.

    Во Тел Авив во моментов има три старт-ап фирми кои се занимаваат со издавање тротинети, цената е 5 шекели во старт (околу 1,20 евра) и по 50 агуроти (околу 12,5 евроценти) за секоја минута користење, а бројот на корисници секојдневно се зголемува. (Фото: И. Трајковски)

    Принципот на користење е едноставен. Симнувате апликација на телефонот, таа ви кажува каде е лоциран најблискиот тротинет, кога ќе го најдете го скенирате кодот на рачката на тротинетот и си се возите со него до каде што сакате. Цената е 5 шекели во старт (околу 1,20 евра) и по 50 агуроти (околу 12,5 евроценти) за секоја минута користење. Кога ќе стигнете до саканата дестинација, се одјавувате, го оставате тротинетот и си заминувате. Локацијата на тротинетот постојано се следи. Во текот на ноќта, фирмите ги собираат сите тротинети и им ги полнат батериите, во 7 часот наутро сите се повторно спремни за употреба.

    Тел Авив предничи пред сите други светски градови во користење на „рент-а-скутер“. Покрај густиот сообраќај, причина за тоа е и сончевото време со многу мали шанси за дожд, релативно малата површина на која градот е распространет, како и волјата на телавивците да пробуваат нови работи. Ударно време на употреба на скутерите е сабајле помеѓу 8 и 9 кога луѓето одат на работа, како и од петок до сабота вечер кога е празник (Шабат) и јавниот транспорт не работи.

    Во текот на ноќта, фирмите ги собираат сите тротинети и им ги полнат батериите, во 7 часот наутро сите се повторно спремни за употреба. (Фото: И. Трајковски)

    Во некои светски градови, како во Сан Франциско, употребата на електричните тротинети не е сосема прифатена и често може да ги најдете фрлени во вода или закачени на дрвја по градот, а во некои градови нивната употреба е дури и забранета. Меѓутоа, бизнисот расте и неминовно е дека светот ќе мора да се адаптира кон новиот тренд. Како што во интервју за „Њујорк тајмс“ вели Тревис Вандерзанден, претседателот на старт-ап компанијата „Бирд“ која е прва што започнала да изнајмува скутери во Тел Авив, кон почетокот на 20. век употребата на автомобилите била анатема бидејќи им пречеле на коњите кои се движеле по патиштата, па така сега и на скутерите се гледа накриво бидејќи им пречат на автомобилите. Иднината, сепак, секогаш победува, а Тел Авив е доказ дека бизнисот со изнајмувањето скутери станува и профитабилен.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари