Франција вложи повеќе од 1,4 милијарди евра во прочистувањето на реката Сена во Париз, со цел во неа да можат да се одржуваат пливачки натпревари на претстојните Олимписки огри. Тоа е еден од најдолготрајните, најскапи и најризични потфати поврзани со Олимписките игри досега.
Планот се спроведуваше неколку години и опфати управување со отпадни води и изградба на пречистителни станици, станици за филтрирање и специјални сливови за да се намали бактериската контаминација на реката од фекалниот отпад.
По завршувањето на ОИ, властите планираат да постават локални плажи и пливачки области на реките Сена и Марна, кои треба да бидат отворени во 2025. Како и во Копенхаген, Цирих и Минхен, и Париз и околните области сакаат да им понудат на жителите можност да се разладат во урбани води на отворено, што било нешто нормално во 17. век.
„Кога одите покрај река, сакате да влезете во неа и да пливате“, кажа градоначалничката на Париз, Ан Идалго, која како и претседателот Макрон планира да плива во Сена следниот месец.
Во Сена ќе се одржуваат натпреварите во триатлон и пливање во отворени води. Водата редовно ќе се тестира пред секој натпревар и властите се уверени дека ќе биде чиста. Тие ветуваат дека до почетокот на ОИ, 75% од идентификуваните бактериски загадувачи ќе бидат елиминирани, што е повеќе од претходно поставената цел.
Сена е релативно мала и тесна река за главен град и отсекогаш била загадувана од заедниците кои живеат покрај неа.
„Квалитетот на водата во Сена постепено се подобруваше во изминатите децении и овој процес беше забрзан поради Олимпијадата, особено во последните три години“, изјави Пјер-Антоан Молина, генералниот секретар за јавни политики во регионот Ил-де-Франс.
Властите велат дека денес има повеќе од 30 видови риба во Сена во Париз, во споредба со три во 1970.