Шеесетина дела кои ученици од основни и од средни училишта во Скопје и во Штип ги работеа со акрил и комбинирана техника се поставени во Чифте амам, како дел од изложбата „Пролет, лето, есен, зима… и повторно пролет“. Изложбата е дел од ликовно-едукативниот проект на Националната галерија на Северна Македонија и на холандската амбасада во Македонија, „Уметност за сите“, наменет за децата со аутизам и оштетен говор, слух и вид, од најрана училишна возраст до завршување на средното училиште.
Директорката на Галеријата, Дита Старова-Ќерими вели дека ова е веќе трета изложба од проектот, и е резултат на шестдневна работилница во Чифте амам, под менторство на координаторката Маја Димитрова и повеќе академски сликари.
Работлницата се одвивала во повеќе фази: учениците ги мешале боите за да ги научат примарните и секундарните бои, твореле со акварел, а исто така работеле енформелистички лепејќи разни материјали како песок, камења, коноп, лисја, пченка, волница, парчиња картон.
„Генијот на уметноста нема граници, можеби се крие во овие цртежи и слики, во која е вложен напор животот да стане уште подобар, а успехот неизбежен“, рече директорката.
Димитрова вели дека учениците на свој ликовен јазик ја претставија својата реалност, топлата атмосфера на нивните домови, куќичките со дворчиња, пеперутките во сите бои и најубавите цвеќиња во пролет.
„Креативноста кај овие деца даде многу разновидни решенија, работејќи и поврзувајќи различни материјали од органско и неорганско потекло, а од нив произлезе оваа изложба“, вели Димитова.
„Вашите уметнички дела говорат повеќе од илјадници зборови. Со оваа изложба го одбележуваме Светскиот ден на аутизмот и истовремено ги славиме различностите кои го прават нашиот свет поубав. Вие покажавте дека уметноста е навистина за сите, не познава разлики и зборува на сите јазици“, кажа холандскиот амбасадот Ваутер Пломп.
Како дел од проектот „Уметност за сите“, утре во Чифте амам, во 13.30 часот, ќе се одржи трибината „Културолошка инклузија на лицата со посебни потреби“.
Б. НЕСТОРОСКА