Глигор Чемерски стана академик, но му беше сторена неправда кога не му се даде шанса да биде универзитетски професор, рече синоќа во Кавадарци професорот Кирил Темков, на отварањето на изложбата слики од Чемерски, по повод 77 години од раѓањето на уметникот кој е роден во овој град и во него живеел до осумгодишна возраст. Чемерски е е роден 1940, а почина во 2016.
„Беше многу успешен и го знаеја низ целиот свет, има безброј дела и изложби. На крај доживеа да го изберат за академик. Иако голема неправда е направена, најучениот сликар не доби наставничко место во Македонија, како универзитетски професор. И тоа е страшно. А самиот ги учеше младите сликари како да станат подобри и како да работат. И тие сите го нарекуваа учител, бидејќи со него многумина отидоа напред и постигнаа успех во ликовната уметност“, рече Темков.
Тој кажа дека тоа не е единствената неправда која му е направена на големиот уметник, кој ги обожувал боите на родната Тиквешија.
„Седевме на аголот кај Гранд хотел во Скопје 1993 година. Разговаравме како да основаме прв приватен универзитет на кој ќе се студира сликарство, уметност, духовни науки и друго, поднесовме и барање за тоа. И за жал, не ни одобрија. На еден од најучените во Македонија од таа генерација, не му дозволија“, рече Темков.
На изложбата во домот на културата се слики на Чемерски кои се сопственост на Општината, Музеј галеријата и приватни колекционери. Некои од нив за прв пат беа претставени во јавноста, а со поддршка на локалната самоуправа, изложбата е реализиран од кавадаречкиот музеј и Домот на културата „Иван Мазов-Климе”.
Академскиот сликар Владимир Темков потсети дека Чемерски целиот свој живот го фалел и сликал Кавадарци преку жешкото тиквешко сонце и гроздоберките, кои ги видел целиот свет. А неговиот роден град е горд што токму поради него, светот ги препознава Кавадарци и Македонија.
За животот и делото на Чемерски зборуваше Кирил Темков, кој исто така потекнува од Кавадарци и е три години помлад од уметникот кој се образувал во Кавадарци, Скопје, Белград и Париз. Меѓу неговите монументални споменици се „Споменикот на слободата“ во Кочани, мозаикот „Човек и светлина“ во хидроцентралата „Вруток“, мозаиците во кабинетот на претседателот на Република Македонија во вила Водно во Скопје. Во Кавадарци Чемерски имал пет изложби и има изработено 3 монументални мозаици.
На околу осум години, фамилијата на Чемерски се иселила во Скопје, но тој никогаш не заборавил, туку напротив, секогаш како и Темков, се фалел дека е од Кавадарци. Темков рече дека илјадници низ целиот свет, од разни професии, меѓу кои многу уметници, биле пријатели на Гичо Чемерски.
Чемерски беше единствениот македонски ликовен уметник, почесен член на Руската Академија за уметност и науки.
С. ДАРУДОВА