ГО ИСКАЧИВМЕ МАТЕРХОРН ИАКО НИ СУГЕРИРАА ДЕКА Е ПРЕОПАСНО, ВЕЛИ ВЕЛЕШАНЕЦОТ СЛОБОДАН ДИМОВСКИ

    ГО ИСКАЧИВМЕ МАТЕРХОРН ИАКО НИ СУГЕРИРАА ДЕКА Е ПРЕОПАСНО, ВЕЛИ ВЕЛЕШАНЕЦОТ СЛОБОДАН ДИМОВСКИДимовски се качувал од италијанската страна, која е доста стрмна (Фото: С. Димовски)

    Младиот велешанец Слободан Димовски Бобо неодамна го искачи врвот Матерхорн, висок 4.478 метри. Се наоѓа на Алпите на границата меѓу Швајцарија и Италија и важи за еден од најопасните врвови во Европа. Колкав е предизвикот да се освои зборуваат бројките дека таму досега загинале повеќе од 500 алпинисти.

    Врвот го качувал заедно со Александар Граховац од Нови Сад, користејќи јажиња, клинци и раце за да се движат по стрмните литици.

    Се качувавме преку Лавовскиот Гребен, од италијанската страна, кој е доста стрмен, некаде и вертикален и потежок од швајцарската патека. Престојувавме неколку дена, при што еден ден заради аклиматизација се искачивме до височина од 3.800 метри, па се симнавме на 2.000 метри до селото Червенија. Имавме лоши временски услови, магла при врвот, долу дожд, горе снег. Мештаните не ни препорачуваа да се искачуваме. Во инфо-центарот вработените ни сугерираа дека планинарските домови не работат, премногу е опасно и да се откажеме. Ние имавме надеж. На 2 септември сретнавме двајца Италијанци кои исто така сакаа да се искачат. Ни дојде душата дека не сме сами“, рече Димовски, член на алпинистичкиот клуб „Велесин“.

    Димовски се качувал заедно со Александар Граховац од Нови Сад (Фото: С. Димовски)

    На 3 септември, се искачиле до бивакот Карел на 3.800 метри надморска височина. Бивак е мала соба со неколку кревети, како одморалиште за алпинистите и засолниште од планинските бури. На нивно изненадување, таму наишле на 18 алпинисти.

    Освен нас и Италијанците, имаше и алпинисти од Еквадор, Шпанија, Германија. Заеднички правевме планови како да се искачиме на Матерхорн, со оглед на лошите услови и свежо паднатиот снег. Секој споделуваше свои искуства, па така Германците за неколку дена во трет обид се искачуваа на врвот“.

    На 4 септември, ноќта во 3 часот, започнале со искачувањето, кое било голем предизвик.

    Целото искачување траело 20 часа (Фото: С. Димовски)

    Многу лутавме, не можевме да ја погодиме насоката, беше мошне тешко, тргни, па врати се. Затоа бевме многу бавни. Околу 13 часот стигнавме до врвот Биг Тиндл на 4.000 метри. Потоа следеа последните 400 метри до Матерхорн, кои се чиста вертикала. Граховац се поколеба откако останатите почнаа да се враќаат назад, сакаше и тој. Рекоа дека не се чувствуваат безбедни. Го замолив Александар да пробаме уште еднаш и тргнавме. Со многу напор и тешкотии, по два и пол часа, се искачивме во 15:30 часот на Матерхорн. Им успеа и на двајцата Италијанци“, кажа Слободан.

    Спуштањето било од швајцарската страна, бидејќи таму првиот бивак бил на 4.000 метри, каде што стигнале околу полноќ. Целото искачување траело 20 часа.

    Искачувањето на вакви врвови носи голем адреналин. Друга е возбудата кога се искачува врв кој не може секој да го освои, кога се потребни многу трпеливост, вештини и истрајност“, вели 23-годишниот Димовски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира