ГОЦЕ ОД ДЕБАРЦА ПРАВИ МАКЕТИ НА ОХРИДСКИТЕ ЦРКВИ ОД ЧКОРЧИЊА И ГИ ПОДАРУВА НА ВЕРСКИТЕ ОБЈЕКТИ

    ГОЦЕ ОД ДЕБАРЦА ПРАВИ МАКЕТИ НА ОХРИДСКИТЕ ЦРКВИ ОД ЧКОРЧИЊА И ГИ ПОДАРУВА НА ВЕРСКИТЕ ОБЈЕКТИПовеќе од десет години Гоце создава уникатни модели на верските објекти во Охрид и Дебaрца од чкорчиња комбинирани со дрво и камен.(Фото: СДК.МК)

    Гоце Најдески од селото Белчишта, Дебарца, пензионерските денови ги поминува во изработка на макети на цркви од чкорчиња. Овој 74-годишен градежен инженер повеќе од десет години создава уникатни модели на верските објекти во Охрид и Дебaрца комбинирани со дрво и камен.

    Манастирот „Свети Наум“, црквите, „Св. Климент и Пантелејмон” на Плаошник, „Света Петка“, „Свети Атанасиј“ и „Свети Ѓорѓија“, изработени од илјадници чкорчиња, се само дел од бројните макети кои Гоце ги подарил на црквите, каде се изложени за верниците. Вели на овој начин ја изразува љубовта кон богатото културно историското наследство и традиција.

    За Најдески, кој со огромна љубов ги создава овие креативни дела, изработката на минијатурните модели на охридските и селските цркви и манастири е работа која бара посветеност, време, трпение и концентрација.

    „Изработката на макетите ми претставува предизвик и задоволство бидејќи создавам нешто уникатно. Tри – четири часа работам, па потоа се одморам. Ми доаѓа идеја, па продолжувам. Го одредувам прво размерот и потоа работам. Макетите ги лакирам со бродски лак, за да може да трае сто години“, вели Гоце.

    Уникатната колекција на макетарот од Дебарца содржи и изработки на џамија, Ајфеловата кула, запрежни коли, разбој, бунарот и водениците во Дебарца. Поради ковид пандемијата Гоце поретко излегува од дома па има повеќе време да му се посвети на ова свое хоби. Имало и непреспиени ноќи кои ги поминаувал градејќи ги предметите чкорче по чкорче.

    „Првата изработка ми беше сопствената куќа. Втора црквата „Света Петка“ и за неа ми требаше најдолго време. Компплетно ја направив со конаците и ја предадов на црквата“, додава Најдески.

    Гоце денес прави модели и по нарачка.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира