ХРАНАТА ПОДГОТВЕНА НА СОНЦЕ Е ПОВКУСНА, А ГОТВЕЊЕТО БЕСПЛАТНО – ВО НЕГОТИНО СЕ ОДРЖА НАТПРЕВАР ЗА СОЛАРНО ГОТВЕЊЕ

    ХРАНАТА ПОДГОТВЕНА НА СОНЦЕ Е ПОВКУСНА, А ГОТВЕЊЕТО БЕСПЛАТНО – ВО НЕГОТИНО СЕ ОДРЖА НАТПРЕВАР ЗА СОЛАРНО ГОТВЕЊЕСончевите печки се тип на конвексно огледало кој светлината ја фокусира во една фокус-точка и на таа фокус-точка се става садот во кој се приготвува јадењето. Цела енерегија се насочува во центарот каде темепратурата се дига на 200 степени (Фото: Ѓ. Личовски )

    Сончеви (пилешки) прсти, буковка на сонце, сончеви палачинки, грилован зеленчук  и чај денеска се готвеа на 200 степени од соларна енергија насреде Градскиот плоштад во Неготино.

    Здружението на граѓани „Ековита“ организираше еднодневен натпревар во готвење на соларна енергија, како дел од проектот „Енпол-ЕЕ“ за потребите на средното општинско училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Неготино.

    На натпреварот учествуваа четири групи на ученици, кои во периодот од 11 до 12 часот ги зготвија четирите рецепти на соларна енергија. Храната се готвеше на две сончеви печки, кои, како што ни рече биолошкиот инженер Сашко Тодоров од „Ековита“ се направени од алуминиум, а ги произведува „Сан енд ајс“ од Германија.

    Откако завршија со храната, учениците на сончевата печка подготвија и чај (Фото: Ѓ. Личовски )

    „Ова е тип на конвексно огледало кој светлината ја фокусира во една фокус-точка и на таа фокус-точка се става садот во кој се приготвува јадењето. Цела енергија се насочува во центарот каде темепратурата се дига на 200 степени“, вели Тодоров.

    Проектот за соларните печки бил развиен пред десет години, со пари од Регионалниот центар за одржлив развој. Биле направени три печки, а Тодоров една печка им подарил во училиштетото.

    „Целта ни е да ги поттикнеме младите да размислуваат за користење на обновливи извори на енергија и, истовремено, за заштита на животната средина. Приготвувањето храна со овие извори на енергија може да биде интересно и забавно за младите. Слично е на традиционалното подготвување јадења, но треба малку повеќе време. Најважното е дека е бесплатно и не се испуштаат штетни материи“, ни рече Сашко Тодоров од „Ековита“.

    На натпреварот учествуваа четири групи на ученици, кои во периодот од 11 до 12 часот зготвија четири рецепти на соларна енергија: сончеви (пилешки) прсти, буковка на сонце, сончеви палачинки и грилован зеленчук (Фото: Ѓ. Личовски )

    Тодоров вели дека следен проект на „Ековита“ се нов тип на соларни печки, кои се поголеми и се вакуумски цевки. Внатре ќе се става садот во кој се приготвува храната.

    „Тие се малку пософистицирани печки и во нив е подобро и повкусно јадењето“, рече Тодоров.

    На натпреварот прво место освоија учениците кои ја подготвија буковката на сонце, а второто место отиде за учениците кои направија палачинки.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари