Со „Во борба македонски народе“ Игор Џамбазов и Гуру Харе го честитаа празникот 11 Октомври, денот на востанието на македонскиот народ, на единствен и оригинален акустичен концерт кој се одржа на платото пред Спомен-костурницата во Велес.
Со изборот од десетина партизански песни, на полчасовниот концерт, Игор и Харе ги освоија присутните и им оддадоа почит на повеќе од 20-те илјади загинати партизани во НОБ од Македонија. Публиката за да присуствува на настанот требаше да искачи 187 скалила, што водат од подножјето до Спомен-костурницата.
На концертот, кој беше мултимедијален настан, настап имаа и актерите Тони Михајловски и Камка Тоциновски. Тие како модератори говореа за НОБ и за Спомен-костурницата од Велес, која е отворена на 11 октомви пред 45 години. Актерката Камка Тоциновски кажа дека нејзината баба, по која таа го носи името, е почината како партизанка и е погребана со останатаните жртви од фашизмот во велешката Спомен-костурница, на местото каде внуката актерка имаше настап.

Спомен-костурницата беше претворена во сцена за мултимедијална забава во спомен на партизаните од антифашистичката војна (Фото: Терапија)
Настанот заврши со диџеј сет на кој исто така се пуштаа македонски партизански песни.
Организатор на настанот беше „Терапија“ која претходно организираше слични настани во Македониумот во Крушево, и во Поштата во Скопје.
П. ПЕЧКОВ