„Звукот на материјалите“ е темата на годинашната Недела на дизајн во Скопје, која од утре до 26 ноември ќе трае во Центарот за дизајн и иновации – Јавна соба. Свеченото отворање на седмото издание е во 21 часот, со перформансот на квартетот „Артан Лили“ од Белград.
На петдневневната манифестација посветена на иновативни производи и услуги од дизајнери и брендови од цела Европа, музика, предавања, работилници за деца и возрасни, вкусна дизајнирана храна, оваа година земја во фокус е Унгарија.
Во Јавна соба ќе биде поставена изложбата „Обликување на Унгарија – дизајнот во 21. век“ со 25 современи млади индустриски дизајнери, иноватори и инженери.
„Генерациите кои пораснаа во Унгарија по промената на политичкиот систем во 1989 се поконкурентни на меѓународниот пазар благодарение на високото ниво на образование, како и на зајакнувањето на екосистемот на креативната индустрија и иновативноста, освојувајќи простор во сѐ повеќе области, а унгарските пронајдоци, патенти и индустриски дизајни постигнаа голем успех во целиот свет“, најавуваат организаторите, Јавна соба и меѓународната платформа Балканска мрежа за дизајн.
На 24 и 26 ноември, на презентациите во Јавна соба своите искуства и дизајнерски проекти и продукти ќе ги претстават 6 врвни современи дизајнери од Унгарија. Во чест на Денот на Унгарија, 26 ноември, концерт ќе има унгарскиот бенд „Михаљи Борбељи Балкан џез проект“
Сите активности за време на Неделата на дизајн се отворени во Јавна соба, секој ден од 8 часот до 01 часот, а влезот е слободен.
Б. НЕСТОРОСКА