ЈАДЕВМЕ И ПЛАЧЕВМЕ ОД СРЕЌА ДЕКА НЕ СМЕ ОТРУЕНИ – ПРИКАЗНАТА НА ДЕВОЈКИТЕ ШТО ЈА ПРОБУВАЛЕ ХРАНАТА НА ХИТЛЕР Е ТЕАТАРСКИ ХИТ

    ЈАДЕВМЕ И ПЛАЧЕВМЕ ОД СРЕЌА ДЕКА НЕ СМЕ ОТРУЕНИ – ПРИКАЗНАТА НА ДЕВОЈКИТЕ ШТО ЈА ПРОБУВАЛЕ ХРАНАТА НА ХИТЛЕР Е ТЕАТАРСКИ ХИТПриказната за овие девојки стана позната во 2013, кога тогаш 95-годишната Марго Фолк ја објави нејзината сторија за германското списание „Шпигел“. Мишел Колос Брукс направи претстава „Дегустаторките на Хитлер“, за жените кои со секоја вилушка и лажица си ги ризикувале животите (Фото: Х. Канинг)

    Група млади жени во последните две и пол години од Втората светска војна имале дневна рутина да ги пробуваат оброците на Адолф Хитлер. Фирерот барал девојки од добри семејства да го пробуваат секој оброк зготвен за него, за случај некој од Алијансата или пак од неговоте луѓе да се обиде да го отруе. Таквата задача се сметала за чест.

    Приказната за овие девојки стана позната во 2013, кога тогаш 95-годишната Марго Фолк ја објави нејзината сторија за германското списание „Шпигел“. Мишел Колос Брукс направи претстава „Дегустаторките на Хитлер“ (Hitler’s Tasters), за жените кои со секоја вилушка и лажица си ги ризикувале животите.

    Претставата се изведуваше во повеќе театри низ САД, а периодов е актуелна по гостувањето на најголемиот светски фестивал за уметност, Единбург фринџ.

    Хитлер не јадел месо, а неговата исхрана се состоела од зеленчук, ориз, тестенини и егзотични овошја, што било реткост во тоа време (Фото: Алами)

    Претставата се фокусира на четири девојки, иако всушност ротирале 15, кои живееле во училишен дом во источна Прусија (денешна Полска).

    Колку и да е мрачна темата, претставата е црна комедија. Брукс ја поставува во временската рамка на Втората светска војна, но исто така ги претставува девојките како современи тинејџерки. Тие танцуваат на поп-музика, прават самослик фотографии, но и разговараат за Френк Синатра, Кларк Гејбл, па дури и за Хитлер.

    „Не сакав овие ликови да бидат замаглени луѓе од историјата, туку да изгледаат многу современи, денешни“, вели Брукс.

    Според кажувањата на Фолк, во 1944, во време кога народот бил гладен, таа и девојките добивала по три оброци на ден, вегетаријански, бидејќи Хитлер не јадел месо. Неговата исхрана се состоела од зеленчук, ориз, тестенини и егзотични овошја, што било реткост во тоа време. Таа вели дека колку и да била вкусна храната, тие не можеле да уживаат во неа. Откако храната ќе била послужена, тие ќе ја дегустирале и се чекало по еден час да видат дали ќе има некаква реакција, а дури потоа му била носена на Хитлер.

    „Некои од девојките почнуваа да плачат од страв веднаш штом ќе ја пробаа храната. Откако ќе поминеше тој еден час плачевме од среќа дека сме преживеле“, кажа Фолк во 2013.

    Колку што е познато, ниту една од девојките не била отруена од храна. Но да не беше интервјуто на Фолк, немаше да биде позната нивната приказна. Најверојатно е дека само таа преживеала, бидејќи еден поручник успел да ја прошверцува во воз за Берлин, а останатите девојки биле убиени од руски војници.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари