САД и Европската Унија (ЕУ) се соочија со слични предизвици во изминатите неколку децении, со финансискиот пад и пандемијата на ковид-19 што направија економски хаос, од кои беа потребни години за да се опорават. Но, од двете, Америка е таа која најде начин да напредува. Кога станува збор за работи кои создаваат богатство – наука, иновации, дури и повисока стапка на наталитет – САД предничат според повеќето параметри. ЕУ се обидува да го промени тоа. Го ангажираше поранешниот шеф на Европската централна банка, Марио Драги, да достави извештај за сето она што не беше во ред и за сè што треба да се направи во врска со тоа. Една година и 400 страници подоцна, пресудата е јасна: јазот меѓу ЕУ и САД само расте. Се бараат драстични мерки.
„Политико“ направи споредбена анализа на бројките.
1. Американците се побогати
Оставајќи ги настрана клишеата за парите и среќата, Американците во просек се побогати од Европејците. Тоа е точно долго време, но загрижувачката работа за ЕУ е што јазот станува се поголем. Во 1990, американскиот бруто домашен производ (БДП) по глава на жител беше за 16 проценти повисок од оној на еврозоната. До 2023, разликата се удвои, на повеќе од 30 проценти.
2. Американците се помудри
Повеќе пари значи повеќе трошење за наука и истражување. Владата и приватниот сектор во САД трошат повеќе пропорционално од нивниот веќе поголем БДП на наука и истражување отколку Европа. Да се открие како да се мобилизираат повеќе приватни пари за да се забрза европското истражување и развој е една од главните точки на извештајот на Драги. „Многу европски претприемачи претпочитаат да бараат финансирање од американските инвеститори и да го зголемат присуството на американскиот пазар“, предупредува извештајот на Драги.
3. Американците се покреативни
Мерењето на темпото на технолошки развој не е лесно. Но, се чини дека САД се понапред. Не е дека Европејците не ги бива. Но, кога станува збор за уделот на научно-технолошките статии објавени во врвните научни списанија, САД се многу понапред. Сепак, со растежот на Кина, сега ЕУ заостанува и зад неа.
4. Американците имаат повеќе енергија
Понекогаш едноставно имате среќа. Среќата на Америка има име: Пермскиот басен. Пред милиони години, овој дел од територијата што се протегаше од Тексас до Ново Мексико беше под вода и преполн со растителен свет. Сега, целата таа акумулирана органска материја се трансформира во добра тексашка сурова нафта. Со тоа САД станаа најголем производител на нафта и природен гас во светот. Како резултат на тоа, американската индустрија има корист од цените на електричната енергија кои се една третина од оние во Европа, што му дава стимул на производството.
5. Американците се попродуктивни
Времето е пари. Американските работници постојано произведуваат повеќе на одработен час отколку Европејците. Некое време тој јаз се затвораше – но сега уште еднаш се зголеми. Продуктивноста на САД делумно може да се објасни со нејзиното брзо прифаќање и развој на дигиталната технологија, област каде Европа заостанува.
6. Американците имаат најголеми компании
Минатата година, калифорнискиот дизајнер на микрочипови „Нвидија“ стана осмата американска компанија вредна повеќе од 1 трилион долари. Спротивно на тоа, во Европа немало ниту еден бизнис основан во изминатите 50 години што ја достигнал границата од 100 милијарди евра. Не е изненадување што седум од тие американски компании се во технолошкиот сектор (еден исклучок е ‘Беркшир Хатавеј’ на Ворен Бафет). САД продолжуваат да доминираат, при што американските фирми земаат 73 отсто од првите 30 компании и повеќе од половина од првите 500.
7. Американците имаат повеќе деца
Историски гледано, растечката работна сила во Европа го поттикна растот на БДП – така што падот на населението во блокот предизвикува огромни проблеми. Европејците имаат помалку деца, по мајка, од Американците. Тоа значи помалку оданочен приход во иднина и помала работоспособна популација во однос на пензионерите, на кои им е потребна социјална потрошувачка и здравствена заштита. Дури и во САД, падот на наталитетот предизвикува тревога. Но, додека населението на Европа се очекува да достигне максимум од 453 милиони луѓе во 2026 година, населението на САД се очекува да достигне врв некаде во втората половина на векот, засилено и од миграциските текови.